Игротека

Заборавете на кукли и камиончиња – научничка тврди дека децата треба да си играат со кујнски предмети

Кога станува збор за детската игра, повеќето родители ќе посегнат по кутијата со играчки за децата да се забавуваат. Но, ново истражување покажува дека играњето со необични предмети, како маталки или гмечалки за компир, може подолго да им го задржи вниманието и да го поттикне нивниот развој.

Дилејни Витмер, истражувач од Државниот универзитет во Аризона, објаснува дека малите деца обично посилно се фокусираат на предмети што им се нови и повеќе ги истражуваат отколку оние што веќе добро ги познаваат.

Како било спроведено истражувањето?

Истражувањето анализирало како 32 деца на возраст од 2 до 4 години си играат во сопствениот дом со познати и непознати предмети. Родителите требало да изберат безбеден, но за детето непознат предмет, а најчесто станувало збор за кујнски прибор. Истражувачите потоа ја следеле интеракцијата на детето со предметот.

Меѓу необичните предмети имало маталки, гмечалки за компир, цедилки за чај, инки и сита. Познати предмети биле кукли, колички и пластични модели на храна.

Непознатите предмети подолго го задржуваат вниманието

Истражувањето покажало дека децата значително почесто го допирале необичниот предмет отколку познатиот. Во просек, новите предмети ги допирале 40 пати во игра што траела 10 минути, додека познатите околу 30 пати.

Исто така, при секој допир со нов предмет останувале во интеракција просечно 5,32 секунди, а со познатите играчки 4,64 секунди.

– Овие предмети им го окупираат вниманието. Интересно им е и им помага да го пренасочат фокусот од нешто што го гледаат секојдневно кон нешто ново – рече Витмер на конференцијата на Американското здружение за напредок на науката во Феникс.

На прашањето дали децата се поангажирани со непознати предмети, Витмер одговорила потврдно и додала дека кај новите предмети почесто погледнуваат кон родителот, како да бараат насока како да се играат со тоа.

Совет за родителите

Витмер истакнува дека родителите треба да им нудат нови предмети, секако безбедни за нив, наместо да се држат исклучиво до играчките.

Таа додава дека раното запознавање со вакви предмети може да помогне во подоцнежното учење бидејќи новите информации се складираат во нивниот мозок.

– Интеракцијата со предмети е важна за учењето и помнењето во раното детство. Резултатите покажуваат дека децата подолго ги истражуваат предметите, особено новите. Овие наоди можат да помогнат подобро да се разбере како родителите да го поддржат истражувачкиот дух кај своите деца – заклучува Витмер.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top