Зимата помина, а пролетта сѐ повеќе личи на лето. Еве што велат „стручњаците“ за заштитата од сонце. Пролетното сонце е целосно безопасно – нема причина да се заштитуваме пред јули. За жал, ова не е точно!

Сончевото зрачење содржи УВ (ултравиолетови) зраци, кои се опасни во текот на целата година. Факт е дека налето ситуацијата е најтешка, но и самите сме сведоци колку „пржи“ сонцето овие денови. Затоа децата треба да се чуваат од сонцето и пред и по летото.
Претпладневното сонце е благо – до два часот попладне нема потреба децата да се заштитуваат од сонце.
Целосно погрешно!

Веќе по 10 часот претпладне УВ-зраците опасно напаѓаат! Затоа децата треба да се заштитат од сонцето од 10 до 17 часот, а налето и до 18 часот. Иако е пролет, треба да се избегнува подолг престој на сонце во периодот од 13 до 16 часот.

Нема потреба децата да се мачкаат со заштитни кремови, доволно е соодветно да се облечени.
Неточно!
Пролетното сонце е јако. На децата им е топло, па ако ги претоплите (со долги ракави), ќе се соблечат и ќе бидат изложени на УВ-зраци. Затоа задолжително намачкајте ги децата пред излегување на сонце!
Користете кремови со заштитен фактор кој не е помал од 25, а како што наближува летото – и факторот треба да биде поголем. Во овој случај важи правилото: Колку е повисок, толку подобро.

Јас имам доста пигмент, брзо поцрнувам. И моето дете е како мене – нема потреба од заштитен фактор.
Не е така!

Факт е дека луѓето со потемен тен имаат „поголема отпорност на сонце“ благодарение на меланинот (кожен пигмент) но тоа не е целосна заштита. Затоа децата со посветол тен навистина полесно „горат“. Сепак, УВ-зрачењето ја оштетува и темната кожа, па затоа заштитниот крем е задолжителен и за децата со потемен тен!

Од капата децата ќе „зовријат“ и ќе се испотат – уште е рано да им ја заштитиме главата со капа.
Погрешно!

Каде што има сонце, мора да има и капа. Избирајте посветли бои (најдобро бела) бидејќи темните навистина „влечат“ сончева топлина и непотребно ја подигаат температурата на детската глава. На детето ставете му капа пред излегување надвор, па тоа нема ни да забележи дека ја има на главата.
Ако е облачно, нема шанса детето да „изгори“ – може со часови да е надвор без заштитен крем.
За жал, ова не важи за сите облаци.

Густите, тешки облаци навистина штитат од сонце, но тогаш имаме пролетен дожд, па нема дилеми! Кога се работи за „прошарени“ облаци, кои се најчести, тогаш мора да знаеме дека УВ-зраците лесно поминуваат низ тенкиот слој облачност, па децата треба да бидат заштитени од сонцето!
На планина пролетното сонце е благо – така што детето е безбедно.
Не е точно!

Планинското сонце е поопасно бидејќи воздухот е „поредок“, па и УВ-зрачењето е посилно. На планина е посвежо, попријатно. Со самото тоа се стекнува лажен впечаток дека сонцето е поблаго. Затоа на планина лесно може да „изгорите“, па апсолутно е неопходна заштита од сонце.

Покрај река е пријатна свежина, па и сонцето е „лесно“.
Заблуда!
Слично како и на планина, покрај река температурата на воздухот е пониска, па изгледа како сонцето да е „послабо“. Затоа е потребно да се чувате од сонцето.

Очилата за сонце не се за деца – ќе им го расипат видот.
Тотално неточно!
Очите страдаат на јако сонце, а особено е опасно директното гледање во сонцето (некои деца сакаат да го прават тоа!). Квалитетните заштитни очила се благотворни за малите деца, а бидејќи се и убав моден детаљ – нема причина да ги избегнувате. На децата брзо им стануваат омилени – обидете се да им ги извадите!

Автор: Горан Вукмановиќ, педијатар



912

X