Воспитување

Забавното дете е популарно, а популарното уште позабавно

Безброј студии ги истражувале карактеристиките поврзани со популарноста меѓу врсничките групи деца. Повеќето од нас знаат од искуство кои се карактеристиките поради кои некои деца се популарни, а некои не. Изненадувачки, досега „да се биде забавен“ е карактеристика на која не ѝ се обрнувало доволно внимание од истражувачите – особината е отсутна во претходните истражувања за социјалниот статус на децата. Но, нова студија открива дека одреден дел од статусот на децата помеѓу врсниците е добиен од перцепцијата за лицата што се забавни за дружење.

Пред пандемијата со коронавирусот и затворањето на училиштата, истражувачи од Универзитетот „Флорида Атлантик“ во САД и Универзитетот „Конкордиа“ во Канада предводеле интернационална студија, прва од ваков вид, за важноста од тоа „да се биде забавен во основно училиште“. Откритијата на оваа студија со наслов: „Да се биде забавен: Предвидлив показател на социјалниот статус во детството“, биле неодамна објавени во списанието „Карактер“. Лонгитудиналната студија вклучува стотици деца на возраст од 9 до 12 години (669 девојчиња, 604 момчиња), кои оделе на училиште во северна Колумбија (Јужна Америка) и јужна Флорида (Северна Америка). Истражувачите го испитувале „степенот на кој перцепциите на врсниците за тоа да се биде забавен предвидуваат зголемување на бројот на допаѓања од страна на соучениците и популарноста меѓу нив“.

„Студијата е насочена кон карактерните индикатори кај децата кои доведуваат до тоа тие меѓу себе да се сметаат за – забавни. Студијата е дизајнирана да го идентификува степенот до кој да се биде забавен е уникатно поврзан со варијаблите на статусот меѓу врсниците, во однос на допаѓање и популарност“, објаснува Брет Ларсен, професор во одделот за психологија на „FAU“, водечки автор на студијата.

Истражувачите откриле дека забавноста кај индивидуата предвидува колку таа ќе биде популарна меѓу врсниците, откако ќе се отстранат варијаблите кои се познати дека придонесуваат за висок социјален статус, како на пример привлечноста, атлетските способности, просоцијално однесување, лидерство, самоувереност и слично. Децата што им се допаѓаат на другите имаат тенденција да имаат помалку тешкотии во приспособувањето.

Ларсен и коавторите исто така откриле дека високиот социјален статус го олеснува љубезното однесување од страна на другите. Овој „хејло“ ефект, создава нагорна спирала.

– Забавното го создава статусот и статусот го создава забавното – вели Ларсон. Нашата студија е нова во тоа што ниту едно истражување недвосмислено досега не ја одмерило врсничката перцепција за забавните соученици, а ниту една лонгитудинална студија не испитала дали забавата предвидува дополнителни промени на социјалниот статус на врсниците, велат авторите.

Како татко на 12-годишно девојче, порано ги отфрлав ваквите истражувања бидејќи сметав дека е површен начинот на кој на својата ќерка би ѝ помогнал да стекне популарност во општеството. Па на првото читање на резултатите од студијата само ги превртев очите, уверен дека не е така. Но, како што подлабоко навлегов во резултатите, го променив мислењето. По една интерна расправа, заклучив дека истакнувањето на „хејло“ ефектот поврзан со тоа дали детето е забавно е многу значајно, особено сега кога поради пандемијата на коронавирусот животот за многумина од нас се промени.

Зошто е важно да се биде забавен и да се има висок социјален статус?

Во идеален свет популарноста не би била важна. Но, не живееме во утописко општество. Многу родители (како мене) кои имаат тенденција да ја намалат важноста на врсничкиот статус и популарноста, сепак, треба да признаат дека социјалниот статус на нивните деца е важен. Кај мене најсилно одекна можниот „хејло“ ефект кој на забавните деца им носи повисок статус, но и можноста детето да биде доживеано како уште позабавно. Забавата е корисна и изгледа дека оди рака под рака со задоволството, па веројатно е дека ќе се забавувате со другите лица кои се сметаат за симпатични, без разлика на тоа колку години имате.

Претходните истражувања засновани на докази покажале дека популарните, сакани деца, имаат тенденција да покажуваат спој на просоцијално однесување и лидерство како особини. Студиите, исто така, покажале дека популарните деца имаат тенденција да бидат одважни и самоуверени, а да не бидат премногу агресивни.

– Децата што се забавни во друштво покажуваат и низа особини поради кои се наградувани. Една од потенцијалните предности е и отпорноста на егото, кое детето го прави симпатичен и возбудлив пријател. Забавните искуства пружаат позитивна стимулација која поттикнува креативност – истакнува Ларсен.

Така забавата може да го заштити детето од отфрлање до онаа мера во која се зголемува вредноста на детето за групата, делумно и затоа што децата и адолесцентите се всушност зависни од забава, велат авторите.

Автор: Кристофер Бергланд

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top