Семејните патувања или возењето на децата до училиште може да се претвори во време кога децата и родителите одлично се забавуваат. Семејната забава не треба да се ограничува само на домашниот простор и во парковите, бидејќи дури и во автомобилот, за време на заедничкото возење, можете да играте интересни и едукативни игри. Еве неколку предлози за помали и поголеми деца:
Игра град/држава
Иако ова е игра што ја играат повозрасните деца, можете да се обидете да ја играте и со помалите. Еден од вас ќе замисли град или држава и ќе каже три работи поврзани со неа, а другите ќе погодуваат за која држава или град станува збор. За помалите деца може да се избере поедноставна верзија на играта, може да ја посочите првата буква на која почнува државата/градот, а можете да си креирате и ваша сопствена верзија.
Игра на бројки
Кажете им на децата дека сте замислиле еден број меѓу _ и _ , во зависност од возраста на детето. Потоа тие имаат право на три обиди да го погодат замислениот број. На тој начин заеднички вежбате математика и снаоѓање во апстрактниот свет на броевите. За да ги мотивирате да ја играат оваа игра и да ја направите позабавна, можете да им ветите награда во вид на бонбони, со што забавата ќе добие и своја дополнителна вредност.
Азбука
Одлична игра за деца од нижите одделенија во основно училиште. Првиот нека каже „А како _“ додавајќи некој збор што почнува на таа буква. Второто лице треба да измисли збор кој почнува на буквата Б, на пример: „Б како базен“, а третото треба да продолжи со следната буква од азбуката и така во круг, до последната буква. На овој начин се вежба познавањето на азбуката и се проширува речникот.
Кој ќе писне прв
Ова е постара игра што ја користеле возрасните кога сакале да ги смират малечките дрдорковци. Оваа игра обично не трае долго, но секако вреди да се испроба. Се разбира, со оглед на тоа што од малечките се бара да бидат тивки, а тоа е тешка задача, треба да им се ветат награди.
Регистарски таблици
Испечатете или направете список со градови кои имаат регистарски таблици во Македонија. Кој ќе забележи најголем број различни таблици и ќе погоди за кој град се работи, ќе биде победник во оваа игра, која обезбедува вистинска забава.