Поради пандемијата на коронавирусот многу градови се затворени, луѓето работат од дома, децата се дома и мора да се одржува социјално дистанцирање.
Животот буквално е ставен на пауза за многу луѓе што се заглавени во нивните домови. Овој вид изолиран животен стил не само што е досаден, туку е и фрустрирачки, особено за децата кои немаат братче/сестриче со кое можат да си играат.
Бидејќи повеќето родители работат од дома, а на децата не им е дозволено да излегуваат, природно е вашето дете да бара друштво цел ден.
Во такви околности, работењето од дома може да биде вистински предизвик затоа што не е лесно да го забавувате вашето дете и да бидете продуктивни на работа во исто време.
Што можете да направите? Еве неколку активности што би му помогнале на вашето дете.
Игра со „преправање“
Овој вид игра е одличен начин за децата да бидат зафатени и да се забавуваат. Малите деца имаат голема имагинација и сакаат да играат игри во кои можат да глумат возрасни.
Затоа, охрабрете го вашето дете да биде креативно со помош на играчки како кујнски сет, сет за доктори, автомобилчиња итн. Вашето дете нека биде наставник или доктор кој ги лекува своите играчки-пациенти или вас.
Охрабрете го детето да зготви вкусна замислена вечера во неговата мала кујна или да биде домаќин на чајанка. Вашето дете нека ја вози низ домот играчката автомобил. Ваквите игри не само што се забавни, туку и ги држат децата окупирани подолго време.
Сложувалки и игри со меморија
Сложувалките или игрите со меморија се уште една активност што ќе го забавува детето и ги зајакнува неговите способности за решавање проблеми. Купете мемориски игри и сложувалки кои се соодветни за неговата возраст. Охрабрете го вашето дете да ги решава во ограничено време.
Можете и да му дадете награда по завршувањето на сложувалките. На тој начин ќе биде ангажирано во предизвикувачка, но конструктивна активност.
Цртање и боење
Малите деца се креативни и сакаат да ги искажат своите мисли во форма на цртежи и слики. Охрабрете го нивниот креативен аспект обезбедувајќи им убави боенки, дрвени боички, фломастери и други материјали.
Вашето дете нека го ослободи уметникот во себе. Цртањето и боењето не само што се забавни, туку влијаат и терапевтски.
Направи сам
Ова е уште една креативна активност за да го задржите детето зафатено. Постојат многу работи на интернет што вашето дете може да ги направи. Изберете неколку лесни проекти што може само да ги направи и што не бараат ваш надзор. Дајте му ги потребните материјали, објаснете му и оставете го само да ги направи.
Книги
Читањето е одлична навика што може да се развие на млада возраст. Бидејќи работите од дома, можете да го охрабрите вашето дете да земе книга со приказни што е соодветна за неговата возраст.
Откако ќе почне да ужива во книгата, обично се развива желба за читање генерално. Дури и ако детето е многу мало за читање, можете да му купите книги со слики што ќе го заинтересираат и ќе го задржат неговото внимание. Ова е одлична можност да развие навика што ќе му биде од корист до крајот на животот.
Музика и танцување
Музиката и танцувањето се најзабавните активности што ќе го направат детето среќно дома. Музиката и танцувањето влијаат терапевтски во овие тешки времиња. Опуштете се со некоја добра музика и играјте со вашето дете. Танцувањето е добра вежба што ќе компензира за вашето недвижење во текот на изолацијата.