Промените во бременоста не се занемарливи. Цела низа промени се случуваат во текот на тие девет месеци, а некои работи никогаш не се враќаат во нивната „стара“ состојба. Претходните студии покажале дека телото на жената всушност старее во текот на бременоста, а се шпекулираше и дека тоа ќе трае со месеци или најмногу две години. Новото истражување ги изненади научниците.
Најновата студија покажала дека бременоста го забрзува епигенетското стареење до 5,3 години. Понатаму, постарата епигенетска возраст во првото тримесечје е поврзана со голем број компликации за време на бременоста, иако тоа не е случај со хронолошката возраст. Епигенетската возраст е мерка за биолошката возраст на нашите клетки, која можеби не е секогаш иста како нашата хронолошка возраст.
-Нашите резултати покажуваат дека биолошкото стареење може да послужи како објективна мерка за тоа дека бременоста може да послужи како прозорец кон идното здравје, бидејќи знаеме дека луѓето кои развиваат гестациски дијабетес и хипертензивни нарушувања може да бидат изложени на зголемен ризик од овие здравствени состојби подоцна во животот – изјавила водечката авторка на студијата, д-р Даниел Панели.
Стапките на смртност на мајките во САД ги надминуваат оние на другите земји со високи приходи, а една од причините се смета наглото зголемување на бременостите кај жени над 40 години.
Една студија открила зголемување од 194 % на процентот на деца родени од постари жени во САД од 1989 година. Иако постарата возраст е добро воспоставен фактор на ризик за компликации во бременоста, оваа нова студија покажува дека само хронолошката возраст не може точно да ги предвиди несаканите исходи.
-Најинтересниот дел за епигенетската возраст или кој било вид биолошка возраст е тоа што за разлика од хронолошката возраст, таа може да се промени. Идеално, ако ова се преведе во клиничка практика, ако знаете дека некој ја забрзал епигенетската возраст во раната бременост, можете да започнете да правите промени во животниот стил порано, пред потенцијално да развијат компликации – вели д-р Панели.

За време на студијата, истражувачите зеле примероци од крв од учесниците при запишувањето и на првиот ден по породувањето, како и 7 месеци по породувањето, а епигенетската возраст била мерена во секој временски момент. Панели и колегите ја истражувале поврзаноста помеѓу епигенетската возраст во првото тримесечје и компликациите во бременоста. Кај повеќе од половина од жените е пронајдено значително епигенетско забрзување на стареењето во споредба со жените што не родиле. Дополнителното епигенетско стареење траело од 1,58 години до 5,28 години. Секоја дополнителна година стареење во првото тримесечје ја зголемувала веројатноста за компликации во бременоста за 36 %, додека немало поврзаност со хронолошката возраст.
-Мислам дека оваа студија е револуционерна и сугерира како ќе обезбедиме мајчина грижа во иднина, фокусирајќи се на индивидуата и молекуларното ниво на нејзините фактори на ризик – заклучиле авторите на студијата.
Автор: Наташа Крстичевиќ