Областите во кои Македонија бележи напредок во изминатите години не се занемарливи. Сепак, проблемите преовладуваат. Над 30 проценти од децата сѐ уште се во ризик од сиромаштија, што резултира во нивна социјална исклученост. Недоволни се напорите за заштита на најранливите групи деца, како децата на улица, кои секојдневно ги гледаме по булеварите, вели Васка Бојаџи, вработена во Центарот за семејно и детско згрижување и консултантка за следење на правата на децата за канцеларијата на УНЦИЕФ
Универзалниот ден за правата на децата е основан во 1954 година од страна на Обединетите нации и се слави на 20 ноември секоја година. Овој ден е наменет за подигнување на свеста за правата на децата и подобрување на детската благосостојба.
Притоа, два големи настана го одбележале Универзалниот ден на детето: 1959 година Генералното собрание на ОН ја усвоило Декларацијата за правата на детето, а на истиот ден триесет години подоцна, во 1989 година, била усвоена и Конвенцијата за правата на детето, која Република Македонија ја ратификува во 1993 г.
Конвенцијата за правата на детето е документ кој има најголем број ратификации од државите, декларирајќи ја цврсто изразената волја за подобрување на правата на децата, особено изразени со конвенциските одредби за заштита на правата и можноста за партиципација во активности, како и воведување минимум стандарди за здравствена заштита, образование и социјална заштита.
Република Македонија е земја потписничка на Конвенцијата за правата на детето. По повод Светскиот ден на детето, зборуваме со Васка Бојаџи за новите препораки од Комитетот за правата на детето кои нашата Влада треба да ги преземе за да ја унапреди состојбата со правата на децата.
Васка работи во Центарот за семејно и детско згрижување (КМОП Скопје) на развој и менаџирање на проекти финансирани од ЕУ во области како што се заштита на човековите права, поддршка на децата и младите и развој на социјални услуги. Покрај тоа, таа работи како надворешна консултантка за следење на правата на децата за канцеларијата на УНЦИЕФ. Васка има завршено додипломски правни студии и магистерски студии од областа на деловното право на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и магистерски студии за детство на Универзитетот во Единбург. Работела за неколку непрофитни организации во земјата и во странство, како на истражувања така и на креирање јавни политики.
Кои се новите препораки од Комитетот за права на децата?
Комитетот за правата на детето е експертско тело на ООН чија улога е да го следи спроведувањето на Конвенцијата за правата на детето во секоја држава-потписничка, вклучително и Македонија. По разгледувањето на периодичниот извештај поднесен од страна на Владата, како и алтернативните извештаи на невладините организации и други клучни чинители, Комитетот во октомври годинава ги објави заклучните согледувања за државата, кои содржат низа препораки за унапредување на правата на децата. Препораките се однесуваат на голем број области и проблематики кои ги засегаат децата, но Комитетот истакнува дека најитни мерки треба да бидат преземени во насока на воспоставување национални механизми за координација и следење на правата на децата, елиминирање на штетните практики на дискриминација кон ранливи групи деца, искоренување на насилството врз децата, зајакнување на услугите и поддршката за децата со попреченост, како и подобрување на здравствените услуги и здравјето на децата.
Која е агендата за нашата Влада да ги преземе правата за да ја унапреди состојбата со правата на децата согласно новите препораки?
Клучно, пред сѐ, е Владата да подготви сеопфатна „агенда“, односно стратешки документ за унапредување на правата на децата, со јасни и мерливи цели и активности во насока на исполнување на препораките на Комитетот. Во моментов таков документ не постои, а последниот Национален план за акција за правата на децата истече во 2015 година. Од големо значење е стратешкиот документ да се подготви низ еден партиципативен процес и консултации со сите засегнати страни, како и да се воспостави соодветно тело кое континуирано ќе го следи спроведувањето, ќе известува за постигнатиот напредок и прашањата за кои постои потреба од подобрување.
Како ја оценувате состојбата со правата на децата во Македонија, каде бележиме унапредување? Со кои горливи проблеми се соочуваме?
Областите во кои Македонија бележи напредок во изминатите години не се занемарливи. Така, благодарение на процесот на деинституционализација, во државата нема повеќе деца кои се згрижени во институции и се стави крај на оваа практика која имаше докажани негативни последици врз целокупниот развој на децата. Од друга страна, преку неодамнешните измени во законодавството од областа на социјалната заштита се обезбеди зголемување на паричните надоместоци и услуги за деца, чија крајна цел е подобрување на стандардот на живеење на децата и нивните семејства. Со донесувањето на новиот Закон за основно образование, системски се овозможи организирањето на учениците во основните училишта и со тоа и детското учество во донесување одлуки.
Сепак, проблемите преовладуваат. Над 30 проценти од децата сѐ уште се во ризик од сиромаштија, што резултира во нивна социјална исклученост. Недоволни се напорите за заштита на најранливите групи деца, како децата на улица, кои секојдневно ги гледаме по булеварите.
Постои сериозна загриженост во областа на здравството поради недоволното инвестирање во здравствените услуги за деца и нискиот човечки капацитет во секторот. Се бележи и пад на стапката на вакцинација, а раст на проблемите со менталното здравје на децата, на кое речиси воопшто не му се посветува внимание. Во последните 10 години децата од Македонија се во континуитет помеѓу првите во Европа кои имаат прекумерна тежина. Загадувањето на воздухот во урбаните средини е над европските стандарди и претставува алармантен проблем по детското здравје и добросостојба.
Во областа на образованието, проблемите се исто така многубројни. Покрај трендот на зголемување на опфатот на деца со предучилишно образование, истиот е на незадоволително ниво, а уписот на децата во градинките е отежнат поради долгите листи на чекање. Резултатите од ПИСА-тестирањата, пак, укажуваат дека компетенциите на учениците во читање, математика и природни науки се под меѓународниот просек, што посочува на несоодветниот квалитет на образовниот систем и на потребата од итни, но промислени промени.
Насилството врз децата, исто така, е недоволно адресирано. Сè уште постои многу висока стапка на насилно дисциплинирање на децата во домовите, а родителите не се соодветно запознаени со методите на позитивно родителство. Врсничкото и сајбер-насилството е, за жал, дел од животот на многу деца.
На што во иднина треба повеќе да се посвети внимание за да се унапредат правата на децата?
Унапредувањето на правата на децата би било невозможно без да се земат предвид мислењата, перспективите и искуствата на децата. За да ги направиме вистинските чекори, ние возрасните треба да бидеме отворени да ги слушнеме мислењата на децата и активно да ги поттикнуваме да ги споделуваат со нас сите проблеми што ги засегаат и сите промени што тие сакаат да ги видат. Само на овој начин може да се постигнат резултати кои се релевантни за децата и ќе доведат до креирање услови во кои тие ќе живеат здрави, среќни, сакани и поддржувани.
912