Воспитување

За татковците што одгледуваат и посвојуваат деца со попреченост

Кејди Драјвер и нејзиниот сопруг Крис го посвоиле синот Лијан од Кина во 2016 година. Лијан има Даунов синдром, а му се приклучил на нивното семејство – нивните три биолошки деца на возраст од 17 до 20 години.

Драјвер вели дека таа и сопругот не знаеле како да се грижат за дете со посебни потреби пред да одлучат да го посвојат Лијан. Нејзиното семејство почнало да комуницира со знаковен јазик со Лијан, кој сега има шест години, и почнале да истражуваат како да му помогнат на дете со Даунов синдром да напредува. Откако Лијан му се приклучил на семејството, тие станале гласници за семејствата што сакаат да посвојуваат на меѓународно ниво, и тоа деца со специјални потреби. Кејди собира средства за да им помогне на други семејства што посвојуваат деца за да се покријат трошоците – сето ова го ставила во книгата „Исклучително: Приказни за посвојување деца со Даунов синдром“.

 Сопругот на Кејди Драјвер со нивниот син Лијан, кој има Даунов синдром и е посвоен од Кина во 2006 година. (фото: Кејди Драјвер)

Драјвер има и блог, па неодамна таму му оддала почест на својот сопруг, а и на другите татковци што посвоиле или се грижат за деца со посебни потреби.

– Сакав да напишам нешто за мојот сопруг и нашиот пат, но знаев дека има многу во приказните на сите оние што посвојуваат, па почнав да мислам за раскажување приказни преку слики. Сметав дека ќе биде моќно сведоштво за сето она што добрите мажи може да го направат – вели Драјвер.

„Шелби има 4 години и со нас е две години“, вели Адам Кембел за ќерка си, која со сопругата Мишел ја посвоиле од Кина. „Ме инспирира заради нејзината способност да се адаптира на сè и што е истрајна. И нејзината насмевка“

Објавата на Драјвер е колекција од повеќе од 30 фотографии на татковци што одгледуваат деца со посебни потреби, кои биле посвоени или и двете.

„Ова е за татковците што не бројат хромозоми. За татковците што копнеат по поврзаност, што ја слават својата тешка борба од страв до доверба. Ова е за татковците што ги кршат расните поделби… чекаат со години за посвојување за да му дадат на своето дете име и дом“ – вели Драјвер.

„Ери беше нашето прво дете“, вели Тим Купер за неговата 9-годишна ќерка, посвоена од Етиопија кога имала 18 месеци. „Никогаш не помислев дека можам некого да сакам толку многу… кога веќе ги имаш во животот, не можете да го замислите животот пред нив, без двоумење би го понудиле вашиот живот за нивниот“

Таа вели дека во текот на нејзината работа со семејствата што посвоиле дете видела татковци кои се покажале во одлично светло, често „зад сцената“, каде што воопшто и не им е признаена заслугата. Кори Салчерт, мајка која посвоила бебиња со дијагнози што прогнозираат краток живот, заедно со нејзиниот сопруг Марк, објавила фотографија на објавата од Драјвер.

Оваа фотографија на Брајан Андерсон и неговиот син Григс, кој е посвоен од Кина и има џуџест раст, е од 2014 година, кога Григс имал 3 години

„Марк секој ден го посветува својот живот за она што го правиме дома. Неговото трпение порасна во овие 36 години откако се запознавме, а неговиот капацитет да сака се прошири експоненцијално“, рекла Кори.

Марк Салчерт и неговата сопруга Кори посвоиле деца кои добиле дијагноза за терминални состојби и нема кој да се грижи за нив

„Мислам дека на светот му се потребни добри вести за добри мажи што прават тешки работи, кои ги сакаат нивните семејства и имаат волја да направат сè што треба за да им помогнат на децата во нивниот живот“, вели Драјвер.

Автор: Тери Петерс

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top