За многу семејства, домашната задача не е само училишна обврска, туку и секојдневен извор на тензија. Детето одложува, негодува, бара помош, родителот губи трпение, а домашната задача често завршува со солзи, или со тоа што родителот ги решава задачите во тетратката.
И тука се поставува важно прашање: Ако веќе има домашна задача, за што служи домашната задача всушност?
Домашната задача не е таму за родителите да го проверат материјалот, ниту за децата да покажат совршенство. Нејзината вистинска цел е детето да:
-утврди што е научено преку самостојна работа
-развие работни навики и одговорност
-научи да ги планира времето и обврските
-стекне самодоверба преку чувството „можам сам“
-да научи да бара помош на правилен начин, а не да зависи од неа.
Кога родителот постојано „скока“, поправа, објаснува за детето или ја извршува задачата во негово име – овие вештини не се развиваат.
Каде грешат родителите (со најдобри намери)
Повеќето грешки не доаѓаат од мрзливост, туку од грижа:
-„Подобро јас да ја завршам домашната, доцна е.“
-„Не можам да го оставам да погреши.“
-„Ако не помогнам, ќе мисли дека не сум заинтересиран.“
Но, што учи детето од сето тоа:
-„Не можам без моите родители.“
-„Некој друг ќе го заврши ова наместо мене.“
Како да му помогнете на детето, а не да му ја решавате вие домашната задача:
Создајте рутина, а не притисок
Домашната работа е полесна кога има свое време и место. Не мора секогаш да биде исто во точната минута, но важно е детето да знае: по паузата – се пишува домашна задача.
Бидете присутни, но не и главниот актер
Седнете до детето, но оставете го моливот во неговата рака. Вашата улога е да следите, а не да водите.
Поставувајте прашања наместо да давате одговори
Наместо: „Еве, тука треба 12.“ Прашајте: „Како го доби тој резултат?“
Прашањата поттикнуваат размислување и независност.
Дозволете да греши
Грешката е информација, а не неуспех. Дете на кое му е дозволено да прави грешки учи да размислува, а не да погодува што сака родителот да чуе.
Помогнете му да ја разбере задачата, а не да ја заврши
Ако детето не разбира што се бара, објаснете му ја задачата со други зборови. Но, решението нека биде негово.
Пофалете го трудот, а не само точноста
„Видов дека вложи труд“ вреди повеќе од „Браво, сè е точно“. Напорот гради внатрешна мотивација.

Кога е во ред да се помогне повеќе?
Постојат ситуации кога е потребна дополнителна помош:
-детето е болно или уморно
-материјалот е сосема нов и неразбирлив за него
-детето има тешкотии во развојот или учењето.
И тогаш целта не е „да се заврши домашната задача“, туку детето да разбере што е можно повеќе и да го одржи чувството на сигурност.
Најважната лекција од домашната задача што детето може да ја научи
Домашните задачи не се само математичка или јазична вежба. Тие се вежба за цел живот:
-како детето да се соочи со обврски, како да побара помош, како да не се откаже кога работите ќе станат посложени и потешки.
И родителската помош не значи „Јас работам наместо тебе“, туку: „Јас сум тука, верувам во тебе и знам дека можеш да го направиш тоа“.