Мнозинство од жените се соочуваат со стрии барем еднаш во животот, а многу жени по бременоста имаат стрии на стомакот, колковите или на бутовите.
За жал, притисокот од општеството и индустријата за убавина понекогаш се немилосрдни, а на мајките и жените на секој чекор им се нудат совети и третмани за тоа како да се ослободат од нив, како да се најлошото нешто што може да ѝ се случи на една жена.
За среќа, постои и друг начин како се доживуваат стриите.
Дезире Фортин од Сан Диего има 150.000 инстаграм-следбеници и е мајка на четири деца. Таа има одличен совет за сите што понекогаш премногу се грижат за стриите и несовршеностите на телото. Во продолжение ви ја пренесуваме нејзината моќна порака.
– За секоја жена што е незадоволна од своите стрии, постои една личност која посакува да ги има – напиша Фортин во трогателната објава и појасни дека да се биде мајка е благослов што, за жал, не го имаат сите жени. Поради оваа причина, таа смета дека телото по породувањето треба да се слави, а не да се критикува.
Фортин, која на нејзиниот инстаграм-профил сподели слика од нејзините стрии, нарекувајќи ги „рани на надеж“ оставени од три чудотворни деца, и самата некогаш беше таа што чекаше, посакуваше и се надеваше дека еден ден ќе стане мајка.
– Сознанието дека конечно ќе станам мајка беше едно од најневеројатните чувства. Не беше важно дали ќе се породам по природен пат или ќе имам царски рез. И не беше важно што моето тело драстично ќе се промени. Конечно се оствари мојот сон да бидам мајка, и тоа мајка на четири деца!
Но, кога бременоста заврши, Фортин рече дека ѝ било тешко да го прифати и сака своето ново тело.
– Никогаш не замислував дека моето тело ќе изгледа како што изгледа сега – напиша таа.
Исто така, таа напиша дека најдобриот начин да ги прифатиме нашите тела е да ја промениме нашата перспектива.
– Зајакнете се за да се сакате себеси – напиша таа и додаде дека стриите се всушност убави приказни за надежта, љубовта, а понекогаш и загубата.
– Во телата на мајките има убавина. Тие го претставуваат животот, нашите деца и непобитната љубов што ја имаме кон нив.
Фортин својата порака ја посвети на сите жени кои се надеваат, се молат и го чекаат своето чудо, но и на оние мајки што имаат свои ангели…
– За таа жена што родила и изгубила бебе, знам дека ова е она што физички ти останало од твојот ангел. Запомни дека си силна, мајко! – напиша таа и додаде: – На сите жени кои се борат да се прифатат и да се сакаат себеси, знајте дека сте силни, убави и треба да се сакате себеси. Само променете ја перспективата и ќе разберете дека нашите тела се чудесни и дека сите стрии во себе кријат приказна – приказна за љубовта и надежта.
Иако објавата на Дезире не е нова, нејзините зборови се толку инспиративни и чувствуваме дека вреди да се споделат повторно.
912