Мојот син синоќа ми рече додека тонеше во сон: „Ти си најдобра мајка. И да не си тука за мене и да си лоша, ти за мене си единствена и најдобра.“ Тоа ме трогна, тоа е чисто детско срце, мајката е за него – најдобра.
Размислете за тоа. Бидејќи за секое дете – неговата мајка е единствена. Родителството е простор во кој можеме да дејствуваме бидејќи сме возрасни и повеќе знаеме во однос на детето. Детето впива сѐ како сунѓер. Родителството е простор во кој сме прилично моќни во однос на детето. Ја користиме таа моќ во најдобар интерес на детето. Не мора мама и тато да бидат најдобри. Доволно е со детето да разговараат. Да сочувствуваат. Да играат со него. Да го уважат, особено неговите чувства. И не грешиме многу ако не му го даваме тоа секојпат на детето.

Нема детето да му замери на родителот за нешто што не може да му го даде. Особено нема за материјални работи. Но, многу нешта можеме да му дадеме на детето. Многу повеќе можеме ние отколку детето. Мислете на тоа. Јас мислам секој ден, особено кога гледам што може да им направи на луѓето лошото родителство. Возрасните луѓе кои како деца биле занемарени, отфрлени, критикувани, напуштени, казнувани. Затоа повторувам: можеме да се потрудиме да бидеме доволно добри родители, а детето нема ништо да ни замери, додека еднаш не порасне и не почне да се сопнува на нашите грешки. Нема ни тогаш, но ќе го носи товарот од лошиот воспитувачки однос. Ако не се освести, може да го повторува и кон своето дете.
Да размислиме за тоа. Повторувам: Полесно ни е нам да бидеме доволно добри отколку на детето. Бидејќи детето, како и да ги свртиш работите, е секогаш добро. Дури е и најдобро за својот родител. Дури и кога се однесува најлошо. Тоа е дете.
Автор: Билјана Ќулафиќ, психотерапевт и педагог