ПРАШАЊЕ: Моето дете има 3 години и во последниве неколку месеци за сè плаче и сака да биде во центар на внимание. Колку и да се трудиме, не успеваме. Можеби затоа што имаме уште едно бебе од една година. Може да се каже дека е мирна и не плаче само кога е сама. Плаче и за најмала ситница ако не е по нејзино. Дали може да ми помогнете, да ми дадете некои совети?
ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост и потребата да му помогнете на вашето постаро дете. На таа возраст децата поминуваат низ една фаза на емоционален и развоен раст. Тие учат да ја потврдуваат својата независност, да ги разберат своите чувства и да ги искажат своите потреби, но нивните вештини за емоционална регулација се сè уште многу незрели. Ова значи дека тие често ги изразуваат емоциите многу гласно и интензивно затоа што немаат зборови или самоконтрола за да ја изразат фрустрацијата, љубомората или несигурноста на помирен начин.
Имањето помлад брат или сестра на блиска возраст значи дека вашето постаро дете се приспособува не само на сопствените големи емоции, туку и на споделувањето на вашето време и внимание. Ова природно може да доведе до погласни или почести изрази на вознемиреност бидејќи плачењето и барањето внимание се често најефикасните начини на кои детето на оваа возраст знае да сигнализира вознемиреност или потреба.
За тригодишното дете, да биде во центарот на вниманието не е само желба да биде забележано и видено, туку тоа значи и длабока поврзаност, чувството на сигурност и љубов.
Би било добро да имате посебно заедничко време (ваши кратки моменти) каде што секој ден целосно ќе можете да се фокусирате на неа. Потрудете се да ги признаете и именувате нејзините емоции така што ќе ѝ помогнете да ги препознае и изрази своите чувства, на пр: „Гледам дека си лута затоа што ја сакаш играчката“, „Се натажи затоа што…“
Поставете јасни, но сепак нежни граници, бидете доследни и со смирени објаснувања за нештата што во тој момент ја вознемируваат.
Поттикнете го изразувањето преку игра така што ќе ѝ дозволите да црта, да раскажува приказни или да си игра со кукли, коцки. Играјте заедно и пофалете ја секогаш кога прави нешто добро или кога ќе направи нешто.

Покажете трпение така што ќе одговорите на нејзините испади со емпатија и смиреност, учејќи ја како да управува со емоциите и во тешките моменти, па таа ќе учи од вас како да се смирува и да станува појака. Доколку вие викате и сте вознемирени, таа уште повеќе ќе биде вознемирена и лута.
Создајте предвидливи рутини за да ја намалите вознемиреноста и да ѝ дадете чувство на стабилност така што ќе ѝ помогнете да знае што да очекува. Секогаш потврдувајте ја нејзината потреба за внимание, така што ќе ѝ дадете до знаење дека е во ред да сака ви биде во фокус, а истовремено охрабрувајте ја да сподели љубов со нејзиниот брат или сестра. Оваа фаза е нормален дел од развојот, а со ваша помош таа ќе научи како да ги регулира своите емоции, да ги препознава, како и на кој начин двете ваши деца, заедно и хармонично да растат.
Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашите деца, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com.