Конкретен предлог за сите оние родители на кои им се јавувале од училиште за да им кажат дека нивното воспитано дете прави проблеми и оние што веруваат дека нивното дете не е добро
Ако вам не ви е добро, не може да му биде ниту на вашето дете
Доведете се во ред, во секоја смисла. Ако и потоа ве повикаат од училиштето или и понатаму верувате дека вашето дете се однесува лошо, побарајте стручна помош. Не за детето, туку за вас. Не постојат проблематични деца – само проблематични родители чиј производ се децата кои со однесувањето бараат помош, бидејќи се чувствуваат загрозено и тажно.
Проверете што емитувате во просторот
Страв, лутина, радост, агресија, верба? Проверете дали се сакате и се почитувате себеси. Ако не е така, тогаш преземете ги сите потребни чекори во тој правец. Тој што не се сака себеси, тешко може искрено да ги сака и своите деца, партнерот, родителите или другите.
Проверете какви ви се односите со партнерот
Ако има простор за подобрување – вие направете го првиот чекор. Ако верувате дека односот е премногу оштетен, решете го тоа најдобро што можете, без одолжување. Ако сте ја прекинале врската со партнерот, никогаш не зборувајте му на детето лошо за него. Тоа е негов биолошки родител, па ако се фатите себеси како велите: „Ист си како татко ти/мајка ти“, прифатете дека имате сериозен проблем и веднаш побарајте помош за да го решите.
Проверете каков однос имате со вашите родители, без разлика дали се живи или не
Ако утврдите дека има простор за подобрување, направете го првиот чекор. Обрнете внимание дали сте им простиле. Ако не, тоа е ваша задача околу која треба да се ангажирате, првенствено заради себе. Што и да ви направиле негативно, се случило само поради незнаење или страв. Ова е многу важно бидејќи лошата рамка на однесување се пренесува со генерации, па ако не го решите ова, тогаш тоа ќе ви наштети и вам и на вашето дете.
Кога се избира во кое училиште ќе оди детето, чувајте се од секакви предлози
На детето му е најлесно да ве послуша од многу причини: не мора да размислува, нема да го понижувате подоцна поради тоа што не ве послушало, што и да направи на училиште вие сте виновни бидејќи сте го наговориле да се запише во тоа училиште. Едноставно треба да му го вратите правото на избор и одговорност врз сопствениот живот. Кажете му какви училишта постојат, па ако покаже интерес за некое, однесете го во посета, упатете го каде да се информира, односно ангажирајте се околу реално согледување на сите можни опции. На крајот, посоветувајте го да избира со своето срце, а не со мозокот.
Воздржете се од тоа да правите сѐ за дете што има двоцифрен број на години
Вие не сте ничиј роб. На детето му е потребно да изгради самодоверба. Што ако утре ве нема? Детето мора да биде способно да се грижи само за себе и самостојно да ги задоволува своите потреби. Научете го да готви, да оди во продавница и не мешајте се во неговиот избор на облека и фризура.
Кога разговарате со детето, повеќе прашувајте, а помалку зборувајте
Ако баш мора нешто да кажете, тоа нека биде пример од вашиот личен живот.
Кога детето ви зборува, внимателно слушајте го
Имате многу да научите. Тоа ја набљудува истата ситуација од агол кој вам ви е недостапен – сега и засекогаш.
Воздржете се од каков било негативен говор во присуство на детето
Ова вклучува: жалење, озборување, изразување омраза, цинизам, сарказам, закани, навреди, понижување некого.
Кога имате инспирација, задолжително прегрнете го детето, бакнете го
Кажете му нешто убаво, заблагодарете му се што што ве избрало на ова ваше заедничко патување. Поддржете го, дури и да не се согласувате и кога не разбирате за што се работи, бидејќи вашето дете за тоа нешто се интересира, па ако вие како негов родител не го поддржите, кој ќе го стори тоа?
Препознајте ја вистинската вредност кај саканите и не толку саканите особини кај детето
Сфатете дека сите особини функционираат синхронизирано и воздржете се од поправка на нешто што веќе е совршено.
И едноставно сакајте го!
Автор: Професор Срѓан