Со денови слушам жени околу мене како се жалат: „Не ми се оди дома од работа. Самото размислување за тоа колку домашна работа имам со мојот син – ќе ме полуди!“
Вистината е дека и јас ја имам истата судбина и често се прашувам дали вреди? Дали вредат грижата, нервирањето, расправијата и морето солзи (некои детски – некои мои), а потоа наидов на овој прекрасен текст на Светлана Кмел што морав да го споделам со вас, а има прекрасен наслов: „Мајки, што и да правите, вашите деца повторно ќе имаат што да кажат на психотерапија!
„Кога би можела да го живеам животот одново, еве што би променила:
Би му рекла на син ми: Не мора да станеш инженер, не мора да бидеш ни адвокат. Не е важно што ќе бидеш кога ќе пораснеш. Сакаш да бидеш фудбалски коментатор – одлично! Кловн во трговскиот центар? Браво!“
И кога тој мој син ќе наполни триесет години, ќе дојде кај мене целиот испотен, ќелав и со кловновска шминка намачкан на лицето и ќе рече:
-Мамо, имам триесет години и работам како кловн во трговски центар! Дали е ова животот што го сакаше за мене? Што по ѓаволите мислеше? Зошто ме остави да играм наместо да учам математика? Зошто не ми кажа колку е важно образованието?
Потоа ќе му кажам:
-Душо, но јас те поддржував во сѐ што сакаше да направиш! Не ти вршев притисок. Не те натерав да вежбаш математика кога сакаше да си играш со твоите пријатели.
И тогаш осудувачки ќе рече: Не знаев до што ќе ме доведе тоа, јас бев дете, не можев да се одлучам, но ти можеше да го направиш тоа за мене. Можеше да ме насочиш!
Тогаш ќе станам, ќе го погледнам внимателно и ќе му кажам: Тоа е тоа. Постојат два типа луѓе на светот: некои живеат, а други го бараат виновникот. А ако не го разбираш ова, тогаш сине мој, ти си идиот.
Ќе каже само „ах“ и ќе се онесвести! Неговата психотерапија ќе трае пет години.
Или не…
Еден ден ќе имам син и ќе го направам спротивното. Од тригодишна возраст би му повторувала: Не биди идиот, мисли на иднината. Научи математика, ако не сакаш да бидеш оператор во кол-центар до крајот на животот.
А кога ќе наполни триесет, ќе дојде кај мене, испотен, ќелав програмер со длабоки брчки и ќе рече: Мамо, имам триесет и работам во Гугл. Работам дваесет часа на ден, мамо. Јас немам семејство. Што сакаше да кажеш кога ми кажа дека добрата работа ќе ме направи среќен? Зошто ме натера да учам математика?
И ќе речам: Мили, сакав добро да се образоваш! Сакав да имаш шанса!

И ќе ми рече: Зошто, по ѓаволите, ми требаат шанси кога сум несреќен, мамо? Поминувам покрај кловн во трговскиот центар и му завидувам. Тој е среќен! Можев да бидам среќен човек, но ти ми го уништи животот!
И тогаш ќе станам, ќе го погледнам внимателно и ќе му кажам: „Мили мој, има два типа луѓе: едни живеат, а други цело време се жалат. Ако не го разбираш ова, тогаш сине мој, идиот си!
Ќе рече „ах“, ќе падне во несвест и ќе заврши 5 години на психотерапија.
Овој текст е за сите оние мајки што овие денови тешко преживуваат решавајќи ги домашните задачи со своите деца.
Борба против гневните тинејџери, незадоволните деца. Опуштете се! Што и да прават, вашите деца утре ќе имаат што да кажат на психотерапија!