Утрово, како и обично, го однесов моето дете во градинка. Опуштено, без напнатост, лесна петминутна прошетка, само ние двајца. Влезе насмеан, носејќи книга за ајкулите бидејќи деновиве учат за океаните.
И тогаш, на излегување од градинка, налетав на сцена која ме врати неколку години наназад. Мајка, во елегантно палто и чевли, очигледно подготвена за работа, го носи своето петгодишно девојче. Детето е без јакна, без чевли. Плаче, се спротивставува, вреска. „Не, не, не одам во градинка… Не, врати ме дома…“ Отпорот на детето бил толку голем што мајката не можела да го облече дома, а ја чекале на работа во 9 часот. Покажете ми го работодавецот кој има разбирање дека детето треба да се приспособи во градинка?
Ја отворам вратата и си заминувам без збор, не знаејќи што да ѝ кажам и како да ѝ помогнам да се чувствува подобро. Но, дома ме фати грч во стомакот што знам дека таа го има секој ден. Како се чувствува таа? Колку е тешко да се остави дете во таква состојба на речиси непознати луѓе да се грижат за него? Дали цел ден ќе има грч во стомакот? Дали на работа ќе сфати дека е, можеби, деконцентрирана?
И така, малку доцна, мајко, сакам да знаеш:
Знам дека е тешко, но ќе помине.
Знам дека се чувствуваш како светот да се распаѓа кога го оставаш твоето дете да плаче, но и тогаш ТИ СИ ДОБРА МАЈКА.
А кога ќе излезеш од градинка и ќе ги криеш солзите, прашувајќи се дали мора да биде така, ТИ СИ ДОБРА МАЈКА. Без разлика дали одиш на работа затоа што мораш или затоа што сакаш, ТИ СИ ДОБРА МАЈКА.
Додека се прашуваш зошто другите деца толку лесно и брзо се приспособуваат и што правиш погрешно, не заборавај, ТИ СИ ДОБРА МАЈКА.
Дури и во оние денови како денешниот, кога го носиш твоето дете без јакна и чевли, обидувајќи се да го смириш со нежни зборови иако повеќе би сакала да врескаш, тогаш особено – СИ ДОБРА МАЈКА.
Дури и во оние денови кога веќе не можеш, кога немаш сила и викаш, се закануваш или поткупуваш, и тогаш си ДОБРА МАЈКА. Добра мајка која има лош ден.
И секој лош ден – поминува.
Ќе помине.
912