Воспитување

За да откриете каков родител сте, постои едно прашање што треба да си го поставите

Во ред, малкумина се оние што се родители и го читаат овој текст, а нивните родители не им викале во детството. И можеби сме можеле да станеме подобри, но не е дека сме баш сосема изгубени случаи.

Но, не е секое викање исто. Многу истражувања покажале дека континуираните вербални навреди имаат ист негативен ефект како и редовниот ќотек. Но, она што мал број истражувања го разјаснуваат е што се всушност вербални навреди, а што е викање на детето. Само викањето е многу помалку штетно, ако не е проследено со навреди на сметка на детето.

Кога вербалната дисциплина ја погодува сржта на личноста на детето, кога влијае врз неговиот став за себе, тука настанува проблем. Еве пример. Ако вашето дете ви истури сок во скутот, а вие гласно викнете: „Ах, бре!“ – не сте го нападнале детето, неговиот карактер и него лично. Мали се шансите детето да го направило тоа намерно.

Но, ако му викнете на детето: „Идиоту еден! Кај гледаш? Не можам да верувам што направи!“ – тоа е веќе проблем.

Втората реакција е директен напад на детето и во неговиот ум може да формира негативен став за себе и своите способности, дури и ако воопшто не сте го повишиле тонот додека сте зборувале. Можеби најкритичен дел е кога ќе кажете: „На што мислеше? Не можам да верувам што направи“ – ваквите зборови патуваат директно во детското срце и мозок и го формираат неговиот став за себе. А тој став обично е: „Јас сум глупав/а. Јас сум несмасен/а. Јас сум лош/а“.

И не е важно колку сте вие прекрасни кон своето дете во сите други ситуации, колку внимание му посветувате, нема со тоа да ги избришете негативните ефекти од вербалните навреди. Детето на кое му се вели дека е лошо и немирно ќе го задржи тоа мислење за себе и тогаш кога ќе се галите со него и ќе го тешите.

Втор пример: Ако на дете кое се обидува само да си стави сок секојпат му велите: „Остави ме мене, ќе истуриш“, тоа дете ќе почне да мисли дека е неспособно, а тоа понатаму ќе влијае врз неговото однесување, така што лесно ќе се откажува од тоа самото да направи некои работи или ќе очекува од другите да донесат важни одлуки. Можеби вие му посветувате внимание и го ставате во центарот на својот свет и можеби тоа е свесно дека е важно, но тоа не го менува неговото чувство дека е неспособно зашто не му е дозволено некои работи да ги прави самото.

Негативното мислење што го стекнуваме за себе во најраното детство силно ќе влијае врз нашата самодоверба во текот на целиот живот.

Се разбира дека речиси секој родител одвреме-навреме губи контрола и почнува да му вика на детето. Ве молам, потрудете се со сите сили да го избегнете тоа. Но, ако брзате на закажан лекарски преглед, детето не сака да се облече, а само што сте ја истуриле полната шолја кафе, тешко дека ќе останете смирени и дека ќе се обидете преку игра да го наведете детето да ве послуша. И тоа е разбирливо. Повременото викање не ве прави лош родител. Она што го карактеризира лошиот родител е константното викање и навредување на детето, кое длабоко во неговата душа всадува негативни верувања за себе. Тоа што го кревате тонот, многу е помалку штетно од зборовите што ги изговарате.

А за оние што велат: „Ако не си строг родител, децата ќе станат слабаци“ – имам едноставен одговор. „Животот ќе се погрижи за тоа да им зададе доволно препреки и проблеми. Родителите треба да бидат тука како потпора, тешките моменти да ги ублажат, а не да ги создадат“.

За да откриете каков родител сте, постои едно, едноставно прашање што треба да си го поставите:

„Што мисли моето дете за себе, како резултат на тоа што јас сум му родител?“

Извор

Поврзани написи

To top