Ги испитувавме навиките кај децата за храната. Видовме дека има зголемен внес на пијалаци со многу шеќер. Тоа е многу поизразено кај машките за разлика од девојчињата. Тоа доведува до зголемување на телесната тежина и до дебелина, а дебелината е причина за појава на дијабетес, вели проф. д-р Игор Спироски

За 6 проценти е зголемена дебелината и телесната тежина кај децата на возраст од четири и пет години во текот на изминатава година споредено со претходната. Ова е забележано во анализите што ги правел Институтот за јавно здравје, заедно со центрите за јавно здравје низ државата. Како што вели за Деца.мк проф. д-р Игор Спироски од Институтот и професор на Медицинскиот факултет, измерени биле околу 1.200 дечиња од најголемата група во градинките.

– Секоја година правиме вакви мерења на децата, односно на нивната висина и тежина. Тоа се прави преку Националната годишна програма за јавно здравје и тоа сме должни да го правиме. Според последните наоди, забележуваме зголемување на телесната тежина и дебелината кај децата за 6 проценти. Тоа е значајна промена, овој процент не е мал. Вакво зголемување сме имале пред 10 години, и еве сега. Трендот е тој, иако треба да имаме предвид дека во пандемија не ги носат сите децата во градинка – вели Спироски.

Проф. д-р Игор Спироски

Единствено логично објаснување за ваквите бројки, според него, е променетиот животен стил на родителите и на децата, кој е поврзан со пандемијата.

Немаме егзактен доказ за причините зашто за тоа треба да се направи истражување, но две работи може да доведат до ова – намалена физичка активност и зголемена количина на внес на храна – појаснува тој.

Дијабетес тип 2 се јавува и кај деца на осумгодишна возраст

Д-р Спироски информира и за нови наоди кои наскоро треба да бидат објавени во журнал, а според кои има намалување на возрасната граница кај децата што имаат дијабетес тип 2.

– Многу е симната границата во однос на дијабетесот. Ако појавата на болеста сме ја гледале на 40 години, сега се појавува и кај деца на 12, 10, па и на 8-годишна возраст. Тоа се должи на повеќе работи, можно е да има некоја генетска нишка, но и генетски да има, тој не треба да се појави на 10 години. Наскоро ќе излезе труд во кој ги испитувавме навиките кај децата за храната. Видовме дека има зголемен внес на пијалаци со многу шеќер. Тоа е многу поизразено кај машките, за разлика од девојчињата. Тоа доведува до зголемување на телесната тежина и до дебелина, а дебелината е причина за појава на дијабетес. Ваков труд и истражување, кое е правено преку проект на СЗО, се прави првпат. Децата што се дел од истражувањето се на возраст од 6 до 9 години – информира Спироски.

Што да направат родителите?

За да се одржува нормална телесната тежина, треба да се внимава на калорискиот внес и да се зголеми физичката активност.

– Родителите треба да внимаваат на тоа децата да го намалат калорискиот внес преку храната и пијалаците. Ако детето не троши енергија, ќе влезе во калориски суфицит и тоа ја зголемува тежината. Калорискиот внес треба да соодветствува на енергијата која се троши. Децата треба да избегнуваат храна што не е преработена, односно сè што купуваме, што го отпакуваме и го јадеме. Да се избегнуваат и газираните и негазираните пијалаци во чиј состав има шеќери и да се зголеми физичката активност кај децата – советува Спироски.



912

X