Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Нашето дете е второ одделение. Сѐ уште не сака да се облекува самостојно, се буни и измислува причини да не оди во училиште. Понекогаш дури е агресивно кон нас. Да напоменам дека до скоро одеше на логопед бидејќи имаше мали тешкотии при составувањето реченици.

ОДГОВОР: Се работи за дете од второ одделение, на околу седумгодишна возраст, кое одбива да се облекува само, да оди на училиште и е агресивно кон родителите. Исто така, од ова што го напишавте разбирам дека детето посетувало логопед со цел да се подобрат говорно-јазичните способности. За да го адресираме проблемот, потребни ни се многу информации и низа испитувања поминати со детето, но секако најпрво би ја отворила темата авторитет.


Во таа насока би ми било важно како и дали детето исто се однесува кон сите авторитети, дали го менува однесувањето кон некого, кон кого, каква е таа личност на која можеби ѝ ги слуша насоките. Авторитетот не им се препишува сам по себе на родителите, туку се стекнува преку воспитниот процес и односот родител-дете. За да постигнете авторитет кај дете, најнапред треба да покажете почит кон неговата личност и неговата вредност, потоа да внесете контрола со помош на поставени правила на однесување и граници на однесување во делот што може, а што не може. Така ја јакнете самоконтролата преку предизвикувачки фрустрации кои детето постепено учи да ги регулира.

Сето тоа со многу љубов, уважување и пофалба кон позитивното однесување и пренасочување на непожелното однесување преку учење вештини за саморегулација. Критикување на однесувањето, но никогаш критикување на личноста на детето.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X