Елките и занималните се накитени, но како децата од предучилишна возраст ги поминуваат предновогодишните денови и како се подготвуваат за прослава, прашавме неколку директори на детски градинки низ земјава
На деновите пред Нова година најмногу им се радуваат децата. Го чекаат Дедо Мраз да им подари пакетче. Ги чекаат и родителите да ги видат нивните настапи на приредбите што со недели претходно ги подготвувале. Групните прослави на децата со публика од родители, баби и дедовци пред Нова година беа традиција во овие институции за згрижување на децата.
Но, и оваа година, на децата им се наметнаа нови правила на функционирање. Елките и занималните се накитени, но како децата од предучилишна возраст ги поминуваат предновогодишните денови и како се подготвуваат за прослава, прашавме неколку директори на детски градинки низ земјава.
Велат дека повторно нема да има групни приредби и прослави. Сепак, за да не останат децата без радост, вработените во градинките понудиле најразлични идеи за децата да го одбележат овој период, во групите што ги посетуваат скромно ќе ја испратат старата година.
Дедо Мраз – атракција за децата
Снежана Тодоровска, директорка на градинката „Мајски цвет“ во Битола, вели дека како и секоја година, во овој период во градинките е весело и разиграно.
– Со разновидни ликовни и музички активности децата ја покажуваат својата креативност и ја развиваат имагинацијата, се дружат и се забавуваат. Лампиони, честитки, елки, Дедо Мразовци, подароци, ѕвончиња, украсување елки се дел од ликовните активности – вели Тодоровска.
Додава дека присуството на Дедо Мраз и делењето на подароците било вистинска атракција за децата.
Приредби во мали групи
Гзиме Бакиу, директорката на градинката „Фидани“ во скопски Чаир, вели дека традиционално го одбележуваат доаѓањето на Новата година со украсена новогодишна елка, соодветно декориран простор, посета на Дедо Мраз, пакетчиња за дечињата.
– И оваа година ги почитуваме протоколите за заштита од ковид-19 и во празничните активности. За жал, изостанаа новогодишните претстави кои ги реализиравме по објектите со учество и присуство на сите деца, но и родителите – вели таа.
Сепак, на децата им овозможиле и мала забава, зашто децата имаат очекувања и се радуваат на новогодишните празници.
– Дедо Мраз интерно ги посети групите и ги поделивме пакетчињата. Атмосферата беше прекрасна, децата беа весели и среќни што и оваа година Дедо Мраз ги посети и ги награди – додава Бакиу.
Креативни изработки за позитивни емоции
Александра Јелиќ-Исаиловска, директорката на градинката „Срничка“ во скопската населба Аеродром, вели дека секоја година се трудат да внесат новитети во активностите на децата во предновогодишниот период.
– Подготвуваме креативни работилници со цел децата да имаат личен удел во изработките. Интересна е активноста за тоа како дечињата се подготвуваат за Новата година реализирана во нашата градинка во објектот ,,Лале“’. Децата прават новогодишни подароци, а потоа си ги разменуваат меѓу себе – објаснува таа.
Целта на оваа активност е јакнење на самодовербата, сигурноста и слободата во сопственото изразување на различни начини.
-Целта е поттикнување на самостојноста во експериментирање со разновидни подлоги за ликовно изразување. Развивање и негување позитивни емоции – објаснува директорката Јелиќ-Исаиловска.
Театарска претстава за Дедо Мраз
Катерина Бојковска-Јовчевска, директорка на градинката „Гоце Делчев“ во Општина Илинден, вели дека во пресрет на Новата година организирале низа активности со цел да се поттикне детската фантазија, а подготовките, сепак, да бидат во духот на новогодишната магија.
– Обезбедивме играчки за сите воспитни групи, набавивме опрема за центрите во сите групи од објект „Прв чекор“ и за дел од групите од централниот објект. Од дел од воспитниот тим беше изведена театарската претстава „Каде е Дедо Мраз?“ И оваа година не изостана традиционалното подарување пакетчиња и подготовка на новогодишни колачиња – вели таа.
Посочува и дека новогодишното волшепство било надополнето со украсувањето на објектите.
Фото: приватна архива
912