Осмоодделенците од училиштето „Блаже Конески“ од Прилеп, Петар Апостолоски, Антонио Барлески и Михаела Наумоска, со нивниот систем за спречување и намалување на последиците од сообраќајни несреќи креиран со помош на уредот микробит, го освоија второто место на Регионалниот натпревар за кодирање. Овој натпревар се одржа во Белград во рамките на Дигиталниот самит за Западен Балкан, во организација на Британскиот совет.

Учесниците на Регионалниот натпревар во кодирање имаа задача да направат проект со кој ќе решат некој реален проблем со помош на микробит, џебен компјутер со големина колку дланката. Вкупно 13 училишта од шест земји од Западен Балкан учествуваа во натпреварувањето, кое е дел од проектот „Училишта на 21 век“ што го спроведува Британскиот совет.

Проектот на тројцата основци од Прилеп е со наслов „Транспортен информационен систем со употреба на микробит“.
– Системот е составен од хардвер и софтвер кој овозможува подобро надгледување и контрола на сообраќај и оптимизација на сообраќајниот тек. Во него се вклучени камион и станица за прием на сигналите од камионот, при што на камионот се поставени 3 микробит-уреди. Едниот ја мери надворешната температура и го предупредува возачот за ниската температура со звучен сигнал и палење на светло. Вториот при удар испушта звучен сигнал и пали две ЛЕД-диоди, додека третиот микробит-уред при голем потрес или удар испраќа сигнал за помош. Со намалување на дневната светлина ги пали ЛЕД-диодите на микробит-уредот. Со помош на микробит-уредите, кои се потпираат на сензори, овој информационен систем му помага на возилото во несоодветни услови, предупредува на опасност од удари и обезбедува контрола над возилото и возачот во случај на опасност – објаснуваат учениците како функционира нивниот проект.

Првото место на регионалниот натпревар го освои тим од Босна и Херцеговина, чии членови Ана-Марија Тодоровиќ и Немања Рикиќ го претставија проектот за паметна куќа управувана од сензори и поврзана со мобилна апликација. Македонските основци го поделија второто место со тим од Косово, додека третото место му припадна на тим од Црна Гора. Награда за победничкиот тим е патување на Интернационалниот саем на нови технологии Бет шоу едукејшн (Bett Show Education) што ќе се одржи во јануари следната година во Лондон.
Програмата „Училишта на 21 век“ ги поврзува сите ученици од земјите од Западен Балкан на заедничка платформа со 10 водечки светски земји во областа на математиката и науката.



912

X