Д-р Гордон Нојфелд е светски признат експерт за раниот развој и детската психологија, автор на бестселерот „Бидете потпора на вашите деца“ и ментор на познатиот д-р Габор Мате. Во својата повеќедецениска кариера работел како клинички психолог со деца, млади и нивните родители. На едно предавање тој зборуваше за предизвиците во растењето, значењето на блискоста и приврзаноста помеѓу родителите и децата како основа на секој однос, важноста на улогата на родителот наспроти влијанието на врсниците и начини како да се одговори правилно на потребите на детето.
Основната порака од неговата теорија и предавањето „Родителот како одговор на детските потреби“ е дека родителот треба да го создаде и да управува со односот на приврзаност со детето. Тој однос е посебна целина која силно влијае врз детскиот развој.
Д-р Нојфелд одговара и на прашањето како да се одржи блискоста со детето и покрај предизвиците во растењето.
Развојот на детскиот потенцијал е природен ако условите се соодветни. Според него, основните потреби на детето не се само преживување и безбедност, туку пред сѐ заедништво и поврзаност. Тој го објаснува тоа со пример од тешки ситуации како војна, кога детето се чувствува безбедно кога е покрај личноста со која е поврзано, иако животната опасност останува.
Пирамидата на детските потреби што ја застапува се базира на поврзаноста, чувствата, одморот и играта. Родителот е клучен во создавањето на односот што ги задоволува овие потреби. Без воспоставена приврзаност од рана возраст, детето никогаш нема да се чувствува безбедно.
Поврзаноста создава чувство на дом и припадност. Таа бара дисциплина која не ги оддалечува родителот и детето, туку ги приближува и ги засилува врските меѓу нив. Целта е да се создаде мост што ќе ги поврзува и во најтешките моменти.

Д-р Нојфелд предупредува дека казнувањето, одземањето и заканите се злоупотреба на моќ која го нарушува односот. Родителите често се фаќаат во замка на користење сила кога чувствуваат дека го губат влијанието, што предизвикува импулсивност.
Детето треба да знае дека родителот е тука за него, дури и кога не се согласува со неговите постапки.
Тој посочува и дека поради денешниот предизвик „екранизмот“, децата сè повеќе се повлекуваат во виртуелниот свет, кој е дел од нивниот реален свет. Исто така, влијанието на врсниците станува силно, па децата се многу загрижени за мислењето на врсниците, што понекогаш ги тера да прават штетни работи. Врсниците не можат и не треба да го заменат родителот во природниот развој и созревање. Родителите се најважни, а врсниците се дополнување и основа за социјалните врски.
Во пирамидата на детските потреби, поврзаноста води кон развој на чувствата, кои се клучни за интимност, одмор, предупредување, закрепнување, адаптација и лекување. Тука тагата е едно од најважните чувства, а д-р Нојфелд нагласува колку е важно родителите да внимаваат да не ги повредат детските чувства.
Третата важна потреба е одморот, неопходен за нормален раст и обнова, како и за отпорност на организмот.
Четвртата е играта, која е најважна за учење, развој, управување со емоции и градење односи. Играта поттикнува креативност и имагинација, а решавањето проблеми преку игра е најдобриот начин за учење.
Д-р Нојфелд советува дека најдобар начин да се заштити детето е да му бидете најважната личност во светот, да го поставите вашиот однос на прво место, со што ќе станете непобедлив штит и детето не може да биде толку повредено како кога нема таков однос.