Врсничкото насилство во последно време е толку зачестена и секојдневна тема, што веќе и медиумските натписи во врска со тоа не нѐ изненадуваат. Она што и понатаму изненадува и загрижува е фактот колку училиштата станаа неефикасни во однос на прашањето за неговото спречување, односно сознанието како некои директори секој обид за насилство внатре во нивните установи се обидуваат да го прикријат за училиштето да го зачува својот имагинарен статус на установа во која такво нешто не се случува.
Врсничко насилство во училиштата
Иако денес, по спроведени едукации и работилници, повеќето училишта се декларираат како места со нулта толеранција за насилство, врсничкото насилство меѓу децата и младите никогаш не било позачестено, ниту поагресивно. Училиштата, на кои на прво место им стои називот воспитна, а дури потоа образовна установа, сѐ повеќе ја губат битката со обидот за какво било воспитување, а камоли сузбивање на насилството во училиштата.
Неефикасност на училиштата во сузбивање на врсничкото насилство
Тука најверојатно во прашање е менталитетот на специфичната средина во која сѐ уште врсничкото насилство е табу-тема. Во тој контекст училиштата ја сфатиле својата титула за нулта толеранција како императив и потреба таквиот облик на однесување да се прикрие наместо да се реагира брзо и ефикасно на секој таков случај, за да се сузбие понатамошно негово појавување. Ваквите недефинирани и чудни услови дејствуваат двојно полошо. Со манипулирање на директорот кој не е со цврст карактер, родителите користат закани и уцени за да го заштитат своето агресивно дете и да го оправдаат неговото непримерно однесување, додека родителите се жртви, соочени со пасивност на училиштето како институција, која не може да загарантира сигурност на нивното дете. Училиштата кои не се способни соодветно да го санкционираат насилството, испраќаат порака дека тоа е дозволено под нивен покрив, па стануваат места каде што индиректно го поттикнуваат ширењето на врсничкото насилство.
Детето е огледало на родителското однесување
Обрасците на сопственото однесување детето ги учи набљудувајќи ги и имитирајќи ги своите родители. Иако веројатно никогаш не била толку голема понудата на прирачници и книги за воспитување на пазарот, а авторите се реномирани педагози и психолози, кризата во воспитувањето го достигнува својот врв, па со право се прашуваме дали воопшто постои семејно воспитување. Сѐ повеќе воспитни и просветни работници се обидуваат да навлезат во причините поради кои сме западнале во замка на обратните родителски улоги во кои родителот ја губи способноста за авторитет, а детето станува носител на одлуки и пред да почне да оди и да ги научи првите зборови.
Во многу негативни и несреќни околности борбата за егзистенцијална и материјална сигурност на повеќето луѓе го отфрли без размислување сето она што било старо и традиционално како лошо, а го прими со добредојде сето ново. Во таа општествена метаморфоза отфрлени се сите претпоставки за здраво воспитување на децата во семејството, а прифатени се трендови на сеопфатни детски права, како и мислењето како воспитувањето повеќе не е работа на родителите, туку на институциите (првенствено градинките и училиштата).
Зошто родителите се противат на секој обид на (пре)воспитување на нивните деца на училиште?
Се враќаме на премисата дека детето ги учи моделите на однесување исклучиво и најмногу од родителите. Родителите кои практикуваат партнерски однос (родителот е најдобар другар на детето, а не авторитет) испраќаат на училиште дете кое: не е научено да прифати каков било облик на авторитет, па со самото тоа моделот на учителот станува одбивен и неприфатлив – не е научено да функционира во група и да прифаќа интеракција, бидејќи е научено секогаш да биде во центарот на вниманието – не може да издржи подолго време без изразување на сопствените потреби, со оглед на тоа дека не запознало модел на одложена потреба (секогаш сѐ било веднаш и во истиот момент кога посакало).

Ваквите деца многу тешко го прифаќаат училиштето бидејќи поради барањата и начините на работа на училиштата, одредени обрасци од нивното однесување, мора да се менуваат. Кој било облик на приспособување и скратување на моменталното задоволство на детето, кое во училишна возраст првпат се среќава со таков модел на воспитување, го прифаќа како огромна фрустрација која со време во него предизвикува лутина, бес, а на крајот резултира со агресивни испади. Родителот, пак, кој своите потомци не ги доживува како деца кои учат и кои се на возраст кога е примерно воспитно да им се дејствува, туку како свои еднакво вредни партнери, на секој неуспех – без разлика дали во учењето или однесувањето на своето дете – реагира како на сопствен, односно го доживува како навреда или неправда против која треба да се бори. Со своите често непријатни и агресивни интервенции во работата на просветните работници повторно му даваат на детето воспитен модел на однесување во кој агресијата и заканите се единствениот начин за постигнување на зададената цел. И тука се затвора кругот кој ги објаснува и последиците на непостоење семејно воспитување, но и неефикасноста на воспитно-образовната установа во намерата да се бори со сите видови несоодветни и непримерни облици на однесување, па и врсничко насилство.
Посиромашните родители ги напаѓаат наставниците бидејќи им е страв дека изостанокот на училишниот успех на нивните деца ќе ги одведе во идентични проблеми, а богатите семејства ги напаѓаат наставниците бидејќи на своите деца сакаат да им обезбедат идентични придобивки какви што и тие уживаат во општеството. Во двата случаи родителите неретко остануваат себично затворени во себе и неподготвени на каква било соработка, бидејќи стравуваат дека некој друг би можел да го заземе просторот кој тие во своите замисли го намениле за своите деца.