Здравје

Вроден хипотироидизам: Состојба која погодува едно од 4.000 новороденчиња – колку е опасна?

Вроден хипотироидизам е вид хипотироидизам присутен од раѓање и се јавува кога штитната жлезда на новороденчето не се развива правилно или не функционира како што треба, што резултира со недостиг на хормони на штитната жлезда. Ако не се лекува, може да предизвика застој во развојот.

Ова нарушување е еден од најчестите ризик-фактори за интелектуална попреченост која може да се спречи.

Вродениот хипотироидизам се јавува кај приближно едно од 3-4.000 новороденчиња, а женските бебиња имаат двојно поголема веројатност да ја имаат оваа состојба.

Повеќето бебиња со оваа состојба ќе треба доживотно да примаат хормонски супститутивни лекови. Со правилно лекување, децата можат да водат нормален живот.

Симптоми на хипотироидизам кај бебиња

Не секогаш е очигледно кога новороденчето има хипотироидизам, што го прави скринингот многу важен. Раните знаци може да се појават во првите неколку недели:

Запек
Намален мускулен тонус (хипотонија)
Тешкотии при хранење
Жолтица која не поминува
Летаргија
Зарипнат плач
Ниска телесна температура

Без лекување, можат да се развијат и:

Отекување на стомакот
Забавен пулс
Груба коса
Студена, сува кожа
Зголемена штитна жлезда
Низок крвен притисок
Зголемен јазик
Отечени очи

Компликации без лекување

Анемија
Застој во развојот
Губење на слухот
Срцева слабост
Интелектуални тешкотии
Проблеми со видот

Причини за хипотироидизам кај деца

Најчести причини се состојби на дисгенеза на штитната жлезда:

Ектопична штитна жлезда (на погрешно место)
Агнезија на штитната жлезда (нејзино отсуство)
Хипоплазија на штитната жлезда (недоволно развиена)

Понекогаш се јавува поради:

Генетски мутации кои влијаат врз производство на хормоните
Недостиг на јод во бременоста
Земaње одредени лекови (на пример, литиум или антироидни лекови)
Лекување рак на штитната жлезда (радиоактивен јод)

Дијагноза и лекување

Лекарите вршат рутински прегледи кај новороденчињата. Земaат крв од петата за да проверaт:

TSH (хормон кој ја стимулира штитната жлезда)
T4 (тироксин), кој помага во растот и метаболизмот.

Ако резултатите се абнормални, се прават и испитувања како ултразвук или скенирање на штитната жлезда.

Лекувањето вклучува замена на хормонот што недостига со лекови, најчесто левотироксин (синтетички T4), кој се дава во форма на таблети, кои се мелат и мешаат со формула, мајчино млеко или вода.

Лекувањето треба да започне во првиот месец од животот за да се спречи трајно одложување во развојот или интелектуална попреченост. Хормонските нивоа редовно се проверуваат.

Повеќето деца ќе требаат да земаат лекови до крајот на животот, а некои само привремено.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top