Ново канадско истражување на повеќе од 2.400 семејства покажува дека поминувањето меѓу два или повеќе часа пред екран е поврзано со проблеми со вниманието и однесувањето кај децата од претшколска возраст.

Во споредба со децата што поминувале помалку од 30 минути дневно пред екранот, децата што биле изложени повеќе од два часа на ден пред екраните имале петпати поголеми шанси да покажат клинички значајни проблеми во однесувањето, како што е невнимание и седумпати поголема веројатност да ги исполнат критериумите за хиперактивен дефицит на внимание.

Пиуш Мандхејн, вонреден професор по педијатрија на Факултетот за медицина и стоматологија на Универзитетот во Алберта, го предводел истражувањето.

– Откривме дека времето пред екранот значително влијае на петгодишна возраст. Моменталните канадски упатства велат децата да не седат повеќе од два часа дневно пред екраните на таа возраст. Нашето истражување посочува дека помалку време поминато пред екранот е подобро – вели Мандхејн.

Истражувањето користело податоци од друго истражување во кое бил собран широк спектар на информации за здравјето, начинот на живот, генетиката и животната средина на речиси 3.500 деца и нивните семејства од бременоста до адолесценцијата.

Родителите пријавувале колку време нивното дете поминува пред екран на дневно ниво, вклучувајќи и гледање телевизија, користење компјутер, паметни телефони и таблети. Во просек, тригодишно дете поминува 1,5 час дневно пред екран; 42 отсто од тригодишните деца го надминуваат препорачаното време. На петгодишна возраст децата поминуваат просечно 1,4 час дневно пред екран; 13 отсто од петгодишниците го надминуваат препорачаното време.

Истражувањето исто така ги оценило однесувањето и вниманието на децата на возраст од пет години со тоа што нивните родители пополнувале контролна листа за однесувањето на децата, скрининг за мерење за различни проблеми, како што се анксиозност и депресија, емоционална реактивност, невнимание, агресивност и нарушување на спиењето.

– Пред тоа немаше многу податоци што ги поставуваа прашањата: „Колку многу е премногу? Дали упатствата се соодветни? Дали ограничувањето на времето поминато пред екранот кај децата од претшколска возраст ќе има корист за развојот на детето?“ Ова истражување им дава на родителите одговори за дел од прашањата – додава еден од авторите на истражувањето, Сукхпрет Тамана, постдокторски соработник во одделот за педијатрија на Универзитетот во Алберта.

– Она што го покажа истражувањето е дека децата што се подолго време пред екраните, на возраст од три до пет години, имаат значително поголеми проблеми во однесувањето и вниманието по нивната петта година – вели Тамана.

Исто така, истражувачите идентификуваа фактори што обезбедија заштита од негативните ефекти од времето поминато пред екранот. Добриот квалитет на сонот имал мало влијание, додека учеството во организиран спорт имало многу значаен заштитен ефект.

– Колку повеќе време поминале децата играјќи организирани спортови, толку беше помала веројатноста да покажат проблеми во однесувањето. Многу од работите што ги прават преку организирани активности се навистина важни за малите деца – истакнува Тамана.

– Тоа ја поставува сцената за развој кај децата. Мислам дека наместо времето да се поминува пред екран, би било корисно родителите да ги зголемат можностите за други структурирани активности – додава Тамана.

Истражувањето не утврди дали самите медиумски содржини (едукативни, видеоигри, социјални медиуми) или видот на екран (телевизор, компјутер, таблет) се важни индикатори за проблемите во однесувањето, иако тимот планира да ги испита овие прашања во идните истражувања.

Додека истражувачите велат дека е важно ограничување на времето поминато пред екраните, тие не се залагаат за целосно елиминирање.

– Нашите податоци покажуваат дека помеѓу 0 и 30 минути дневно е оптималното количество на време пред екран. Предучилишниот период е идеално време за едукација за здрави односи со екранот – вели Мандхејн.



912

X