Накитот го изработува од глина и е доведен до перфекција, поради вложениот труд, љубов и енергија во изработката. Во колекцијата на Анастасија, која може да се разгледа на „Инстаграм“, има и обетки во форма на овошје, цвеќиња и растенија, прстенчиња во боите на виножитото, брошови и уште многу други дела создадени од глина

Обетки во форма на предмети и на личности од грчката митологија, со кои одат и информации поврзани со личноста која била инспирација за изработката на тие уникатни дела, се само дел од интересниот накит што го изработува четиринаесетгодишната Анастасија Бејковска од Битола.

Оваа надежна уметница го изработува накитот од глина, кој е доведен до перфекција поради вложениот труд, љубов и енергија во изработката. Во колекцијата на Анастасија, која може да се разгледа на „Инстаграм“ има и обетки во форма на овошје, цвеќиња и растенија, прстенчиња во боите на виножитото, брошови и уште многу други шарени дела создадени од глина.

Љубов кон уметноста уште на четиригодишна возраст

Освен што изработува накит, деветтоодделенката сака и да црта портрети. Мајка ѝ Александра вели дека уште на четиригодишна возраст Анастасија почнала да пројавува интерес кон различни видови уметност.

– Прва љубов ѝ беа виолината и музиката, заврши шест години нижо музичко училиште. Последните три години од музичко училиште водеше битка помеѓу виолината и цртежите. Активно почна да црта уште во 2016 година. Има учествувано на училишни натпревари каде што е секогаш наградувана – вели мајката.

Од родителите Анастасија добива комплетна поддршка во она што сака да го работи, ѝ помагаат да ги набавува потребните репроматеријали. Во однос на тоа какво дете е таа, мајката вели дека ја карактеризираат ведрина, позитивен став, трудољубивост и самостојност.

– При растот и воспитувањето најважно ни беше Анастасија и сестричката да имаат добар однос кон возрасните, исто како и кон своите наставници, да имаат работни навики, но и најважно, да ја пренесат фамилијарната љубов и позитивност. За на крај да бидат добри луѓе. Од двете страни на семејството имаме мали жички на уметност кои ја мотивираат да биде подобра и да си ги покаже своите способности, но и често добива критики, а и пофалби од наша страна – додава мајката.


Ја сака уметничката авантура

Во време на пандемија, кога луѓето добар дел од времето го поминуваат дома, неретко се случува да почнат да прават нешта на кои претходно не можеле комплетно да им се посветат токму поради недостигот на време. Анастасија веќе ги имала талентот и интересот за изработка на накит, па во пандемијата, од октомври 2020 година, почнала почесто да работи.

– На почетокот од уметничката авантура омилени ми беа моливот и дрвената боичка, кои потоа беа заменети со водните боици, а сега се проширувам и почнав да работам со акрилни бои. Со изработка на накит бев запознаена пред две години, но ретко седнував да работам. Но, за време на пандемијата, во октомври 2020 година, почнав почесто да работам. Најпрво црпев инспирација од различни уметници кои ги следев на социјалните мрежи, но со време почнав повеќе да читам различни книги и митови од грчката митологија, од која сега црпам добар дел од мојата инспирација. Исто така, важен дел од инспирацијата ми е фактот дека накитот што го изработувам им се допаѓа на луѓето – раскажува Анастасија.

Кога почнала да прави накит, исто така, почнала да ја негува и љубовта кон книгите.

– Долго време читав кратки записи по интернет, но почнав со читање и подолги книги и серијали. Можам да кажам дека омилени ми се англиските класици и различни фантазии. За грчката митологија најмногу добивам знаење од интернет. Инаку, еден мој ден е исполнет со часови, цртање, правење накит, истражување и читање, и за крај на секој ден, еден убав филм – вели таа.


За плановите за иднина, таа вели дека би се насочила кон уметноста или психологијата. Планира да се запише во училиштето „Јосип Броз Тито“, на јазично-уметничката насока.

– Уметник ми е најрелаксирана опција, а психолог произлегува од мојата фасцинација со човечкото размислување, особено она на сериските убијци – завршува таа.



912

X