Нова студија открила дека работењето во градинки и центри за чување деца, во сегашната ситуација со пандемијата, не носи поголеми ризици за заразување со коронавирусот. Биле анкетирани повеќе од 57 илјади работници од оваа област во САД, од крајот на мај и почетокот на јуни, па истражувачите од Универзитетот „Јејл“ откриле дека барем во раната фаза на пандемијата, кај работници што се занимаваат со грижа за деца не се зголемил ризикот од заразување со Ковид-19.
Биле анкетирани 57.335 работници од 28 земји во САД, а истражувачите ги споредувале резултатите на оние што останале отворени во првите 3 месеци од пандемијата со оние што се затвориле. Нивната цел била да научат повеќе за тоа дали повторното отворање на детските центри има влијание врз ширењето на заразата – со оглед на дебатите кои се развиваа во целиот свет за ризиците од повторно отворање на градинките и училиштата.
Анкетираните биле прашани дали нивната установа се затворила на почетокот или на средина од пандемијата, дали повторно се отворила и дали била затворена на одредено време поради сомнителен или потврден случај на Ковид-19. Оние што ги одржувале програмите со физичко присуство за време на пандемијата биле прашани и за големината на групата што ја предводеле, како и за стратегиите и протоколите што ги применувале за заштита од ширење на заразата. На крајот, истражувачите откриле дека нема поврзаност помеѓу Ковид-19 и работењето во установа за згрижување на деца, односно дека во САД нема поврзаност помеѓу зголемувањето на ризиците од ширење на Ковид-19 и изложеноста на групи на деца и грижа за нив.
Според истражувачите, 51,4 отсто од анкетираните рекле дека установата во која работат се затворила на почетокот од пандемијата и не се отворила повторно. 48,6 отсто од анкетираните рекле дека никогаш не се затвориле и не се отвориле повторно, а 8,6 отсто пријавиле дополнително затворање поради сомнителен или потврден случај на Ковид-19. Студијата е прва што ја испитува трансмисијата на заразата во центрите за деца и е важно да се истакне дека анкетираните пријавиле имплементирање на голем број мерки, на пример, скрининг на симптоми, физичка дистанца, намалување на групите, зголемена хигиена на рацете кај персоналот и кај децата, како и почесто дезинфицирање на просториите и површините. Дополнително, 35,2 отсто од анкетираните што продолжиле да работат во текот на раните месеци на пандемијата пријавиле дека персоналот во нивната установа носел маски на дневна основа, додека 11,8 отсто пријавиле дека и деца над 2 години носеле маски.
– Иако е нејасно дали некои од овие мерки значително ја намалиле трансмисијата, нема начин да се знае дали овие откритија би се потврдиле и кога овие мерки не би биле застапени. Исто така, овие резултати не треба да се однесуваат и на училишта и универзитети, каде што студентите и контекстот на целата установа значително се разликуваат од градинките и детските центри – забележале истражувачите.
– Иако студијата обезбедува доказ дека овие работници не се соочуваат со зголемени ризици за трансмисија за разлика од останатите, сепак, заедниците и развојот на болеста во нив може да бидат ризик вреден за набљудување и ризик кој може да влијае и врз темпото на ширење и во установите за деца – напишале истражувачите во нивниот извештај.
На крајот, истражувачите истакнуваат дека тие не го истражувале ризикот за трансмисија меѓу децата во градинките, што значи дека останува нејасно колку се децата изложени на ризик кога присуствуваат во градинките и детските центри.
Автор: Морган Бринли