Посебно внимание се обрнува на изучувањето на јапонскиот јазик и култура – вели Марика Ишикава, која дипломирала на меѓународни односи и е секретар во нашата амбасада во Токио во интервјуто за факултети.мк
Јапонскиот образовен систем е еден од најдобрите во светот. Тој е поставен врз постулатите на трудољубивоста, почитта кон возрасните лица и кон сопствената земја. Факултети.мк се заинтересира за образованието на оваа земја, а за да ги најдеме одговорите, ни помогна амбасадорката на Македонија во Јапонија, Андријана Цветковиќ. Нејзината асистентка во амбасадата, Марика Ишикава, беше љубезна да нѐ запознае подлабоко со јапонскиот образовен систем. Дипломирала на Факултетот за меѓународни односи при Универзитетот „Ритсумеикен“ во Кјото. Средно училиште завршила во Nanzan Kokusai High School во 2004 година. Тоа е училиште во кое може да учат само студенти што извесно време живееле во странство. Три и пол години претходно учела во САД, така што имала можност да ги согледа и разликите во образованието на двете земји.
Веднаш се наметна прашањето што овој систем го прави да биде еден од најдобрите во светот.
– Сите образовни програми се базирани врз нашиот јазик. Не само учењето математика, историја и слично, туку имаме можност да учиме јапонска култура, каква што е суодо (јапонско пишување), хаику, поезија, готвење итн. Сите ученици сами ги чистат своите училници. Имаме систем „kyusyoku“, сите ученици јадат здрав оброк. Сите ученици добиваат бесплатни учебници што ги обезбедува владата. Учениците имаат годишни настани, како што се: ден на спортот, културата, семејството – вели Ишикава.
Марика Ишикава, секретарка во македонската амбасада во Јапонија
Децата во Јапонија почнуваат во училиште на 6 години. До 12 години завршуваат основно училиште, од 13 до 15 – предметна настава (secondary school), а средното училиште трае три години (од 16 до 18 години).
– Трудољубивостa е една од најважните работи што ги учат децата во Јапонија. Кога и да влезат во погорните одделенија, средно школо, факултет, тие мора да поминат тест пред да прејдат во погорните нивоа. Од мали нозе нѐ учат дека мора да се трудиме. Исто така, некои ученици се приклучуваат во клупски тимови во училиште и така учат да работат тимски. Јас во основно школо тренирав софтбол (вид бејзбол кој се игра со помека топка, н.з) – вели Ишикава.
Таа објаснува дека почитта кон повозрасните лица во оваа земја доаѓа најмногу од периодот на Втората светска војна.
– По историја на Јапонија учевме колку ужасни работи се случиле поради атомските бомби во Хирошима и Нагасаки. Ги почитуваме повозрасните луѓе зашто тие се луѓето што повторно ја изградија Јапонија по војната и ги надминаа сиромаштијата и ужасното искуство што денешните Јапонци не го искусиле. Исто така, мислам дека тоа доаѓа и од духот на будизмот или шинто, што нѐ учи да бидеме љубезни кон постарите луѓе – објаснува вработената во македонската амбасада.
Таа додава дека постои Асоцијација на родители и наставници каде што може да се дискутира за проблеми со кои се соочуваат децата.
Најважни предмети во основното образование се: кокуго (јапонски јазик), учење хирагана, канџи, читање јапонски книги.
Во јапонскиот јазик има три азбуки – хирагана, катагана и канџи, ни објасни амбасадорката.
– Хирагана и катагана имаат по 46 букви, а канџи има многу, но на училиште се учат околу 2.100 (тоа се букви сликички, како во кинескиот јазик) и се многу тешки. Јас зборувам и пишувам јапонски јазик и поминав низ голгота за да ги научам, а морам да признаам дека сѐ уште учам, бидејќи лесно се забораваат – ни рече Цветковиќ.
Јапончињата учат англиски од прво одделение.
912