Децата мислат дека ги забележуваме само кога лошо се однесуваат и често се изненадени и не знаат како да одговараат кога родителот ќе ги пофали за нивното позитивно однесување. Ако сакаме да зацврстиме одредено однесување, би требало да обрнеме внимание на тоа и да воведеме награда. Но, кое однесување е вредно за награда?
Награда ДА, но подмитување НЕ. Многу е важно децата да не ги сфатат наградите како подмитување. Треба да се избегнуваат паричните награди. За да го навикнете да штеди или да ја почитува вредноста на парите, тогаш воведете џепарлак. Одредените привилегии што детето ќе ги стекне поради некое свое позитивно однесување се награди кои имаат навистина големо влијание и служат како поттик. Тоа нека биде дополнително време за гледање ТВ, одење во кревет подоцна во ноќта, раскажување на уште една приказна за добра ноќ и слично. Кога се упатува пофалба кон детето, потребно е да се имаат на ум следните работи:
1. Важна е искреноста
Кога му кажувате на детето зошто упатувате пофалба, тоа ја зголемува искреноста на вашиот коментар и му помага точно да знае што направило добро. Бидете искрени и зборувајте од срце.
2. Помалку е повеќе
За да спречите детето да помисли дека не сте искрени, дајте му позитивен коментар и престанете да зборувате за тоа. Нека биде едноставно и кратко.
3. Објаснете ја пофалбата
Важно е да му дадете до знаење што е тоа што го направил поинаку и зошто тоа било корисно.
4. Што побрзо тоа подобро
Што побрзо упатете пофалба по доброто однесување. Тоа ќе биде добра мотивација за детето.
5. Бидете различни и непредвидливи
Избегнувајте да го кажувате постојано истото, бидете што поразновидни и тоа ќе биде поефикасно. Ако го повторувате истото, детето ќе мисли дека тоа го правите механички.
6. Не воздржувајте се
Понекогаш се јавува загриженост дека премногу пофалби ќе имаат негативни последица врз детето, но додека сте искрени, децата генерално реагираат добро.
Не заборавајте и дека пофалбата што не е проследена со физички контакт и поглед в очи и не е вистинска награда. Пофалбите треба да се упатуваат правично и одмерено.