„Колку пати досега сум ти рекла дека треба да се јаде на трпезариската маса? А ти повторно јадеш во фотелја пред телевизор?“ За тоа време или половина час подоцна таткото седнува во фотелја и јаде сендвич додека гледа натпревар.
Овој пример јасно илустрира дека детето нема да го прави она што му го велат родителите бидејќи тоа ќе го прави она што и родителите го прават. Со други зборови, тоа едноставно значи дека примерот кој им го давате на децата е оној од кој и тие ќе учат. Постои научно објаснување за ова и се нарекува теорија на неврони на огледало, кои се активираат од раѓањето на децата и им овозможуваат да ги имитираат движењата на возрасните и да учат. Што треба да направите?
Воспоставете распоред и правила
Ова е една од најтешките задачи за родителите. Децата не сакаат да одат во кревет во времето кога им е кажано, секогаш им недостигаат тие 5 минути. Па уште 5. Кога е во прашање спиењето, општата атмосфера во домот е многу важна. Во време кога децата треба да појдат в кревет, па и малку пред тоа, морате да го приспособите целото опкружување. Намалете ги светлата колку што е можно повеќе, исклучете ги или сосема намалете ги уредите (тонски), па обидувајте се тоа да го правите секоја вечер во исто време.
Кога малку ќе пораснат, па ќе дојдат до тинејџерска доба, воспоставете заеднички правила. На пример, никој не треба да биде надвор од домот по 21 часот, освен ако се работи за професионални обврски или домашни обврски. Сепак, ако во тоа време вие сте често надвор од дома, очекувајте дека и детето ќе дава отпор. Тоа ќе бара од вас да му верувате и да го третирате како возрасно. Трудете се ова правило да го почитувате и самите. Така ретко ќе се случува со детето да имате кавги и дискусии на оваа тема.
Ако сакате да ги научите децата дека училиштето е на прво место, немојте, бидејќи вам ви е така згодно, во септември да ги носите на море
Истата работа е и со цигарите, алкохолот или газираните пијалаци. Присуствував на една сцена во кафуле каде што келнерот пријде до масата каде што седеа мајка и дете од 7 години. Келнерот праша што сакаат, на што детето побара газиран сок. Мајката одржа кратко, трпеливо предавање за тоа колку тој пијалак е штетен и преполн со шеќери. Детето неволно го прифати објаснувањето и нарача овошен сок. Келнерот се сврти кон мајката и ја праша што сака таа, а таа рече: – За мене газиран сок. Тоа не е воспитување. Тоа е лицемерство.

Пренос на вредности
Кога на своите деца сакате да им пренесете одредени вредности, единствен можен начин за тоа е – пример. Никогаш не велете им: „Јас грешам, но јас сум веќе во некои години, за мене е доцна да се менувам, затоа ти учи од моите грешки“. Ова се лекции на мрзливи родители. Оние на кои не им е доволно грижа, па не се менуваат заради своите деца. И ова се лекции што не вредат. Па така, ако сакате да ги научите да ги почитуваат своите родители, тргнете од тоа вие да ги почитувате и вашите родители, но и децата. Почитувањето е заемно чувство. Ако сакате да ги научите дека училиштето е на прво место, немојте, бидејќи вам ви е така згодно, во септември да ги носите на море. Ако сакате да ги научите да ги почитуваат луѓето без разлика на нивниот социјален или материјален статус, персирајте ѝ и на тетката и на професорот.
Многу родители веруваат дека правилата дома важат само за нивните деца. Некои сметаат дека почитувањето е еднонасочна вредност која би требало да оди од нивните деца кон нив. Има низа вакви примери и однесувања кога родителите очекуваат многу од своите деца, а понекогаш и самите не ги практикуваат посакуваните однесувања. Ве предизвикуваме да бидете пример за вашите деца. Критиката, приговорите и етикетите да ги замените со искреност и давање пример. Можете ли така?
Автор: А. Цвјетиќ