Сè повеќе семејства од различни причини одлучуваат да имаат само едно дете. Околу децата-единци постојат многу предрасуди, што воопшто не е од корист. Она што е сигурно е дека воспитувањето дете-единец бара малку поинаков пристап. Експертите од списанието „Перентс“ советуваат како родителите да постават здрави граници и да изградат квалитетен однос со своето дете.
Поттикнете го детето да се дружи со врсниците
Единците понекогаш може да се чувствуваат осамени. Некои од нив во раното детство создаваат замислени пријатели или се врзуваат за омилената кадифена играчка. Ова не значи дека им недостига родителско внимание, туку дека им е потребно повеќе време со врсници.
Затоа, родителите на единците треба посебно да внимаваат на социјалниот живот на своето дете. Организирајте заеднички игри, за детето да научи да дели, да прави компромиси и да се носи со ситуации кога не е во центарот на вниманието – особено ако не оди во градинка.

Бидете им пример
Единците немаат можност да се караат или договараат со брат или сестра, што е важен дел од емоционалниот развој. Поради ова, ним понекогаш им е потешко да прифатат пораз во игра, да чекаат на ред или да влезат во здрав конфликт бидејќи не биле изложени на такви ситуации.
Како родители, покажете им со сопствен пример како се дели, како се договара и како се покажува емпатија. Пофалете го детето кога успешно ќе го стори тоа и разговарајте со него ако му е тешко да ги усвои овие вештини.
Научете го на одговорност
Поради блиската врска што ја имаат со родителите, некои единци стануваат премногу зависни од нив – без оглед дали се работи за емоционална поддршка, за училишни задачи или дури и за забава.
За да му помогнете на вашето дете да стане посамостојно, редовно давајте му мали домашни задачи и поттикнувајте го на самостојна игра. Така ќе го научите дека не сте му постојан аниматор, а тоа ќе ја развие својата независност.
Поставете јасни граници
Децата кои поголемиот дел од времето го поминуваат со возрасни, како што често е случај со единците, понекогаш мислат дека имаат исто толку авторитет како и родителите. Иако треба да го почитуваме нивното мислење, важно е да постојат јасни граници кои родителите доследно ќе ги спроведуваат.
Исто така, корисно е детето повремено да поминува време без родителите – да престојува кај баба и дедо или да останува на гости кај пријатели. Ова не само што го учи на независност, туку и овозможува родителите да имаат време за себе.
Бидете реални во очекувањата
Единците често имаат добро развиени јазични способности и многу информации, бидејќи често сами истражуваат теми што ги интересираат. Понекогаш изгледаат многу зрело за својата возраст, што може да доведе до преголеми очекувања од нив.
Иако може да ни се чини дека детето-единец е „старо-мало“, треба да имаме на ум дека сепак тоа е дете и заслужува детство без непотребен притисок. Бидете трпеливи, слушајте ги нивните потреби и поставувајте реални цели според нивниот вистински развоен стадиум.
Извор