Магдалена Стојановски, стоматолог

Магдалена Стојановски, стоматолог

ПЗУ „Тера дент“

Повеќе од авторот

Покрај кариесот на запчињата кај децата, честа причина поради која доаѓаат во ординација е и воспаление на гингивата (непцата). Воспалението на непцето кај децата не е толку изразено како кај возрасните, но сепак не е ни толку ретка појава.

Гингивитис може да се појави кај секого, на која било возраст. Не може да се нарече опасна болест доколку е откриена и третирана навреме. Но, доколку не се лекува навреме, предизвикува промени во тешки форми кои се сметаат за неповратни.

Што е гингивитис?

Гингивитисот е воспалителен процес на непцето кој ги зафаќа и соседните мукозни мембрани, како резултат на насобрани бактерии кои подолго време се задржуваат во непцето.
Во почетната фаза на воспалението нема болка, сè додека инфекцијата не прогресира. Доколку не се лекува, гингивитисот преминува во периодонтитис. Воспалението на непцата кај децата се карактеризира со отечена и црвена гингива, болка, крвавење на непцата при миење на забите. Родителите обично забележуваат непријатна миризба од устата на детето.

Зошто се појавува?

Како резултат на лоша орална хигиена, неправилно миење на запчињата, доаѓа до таложење на денталниот плак, кој под дејство на микроорганизмите предизвикува воспаление на непцето. Други причини за појава на гингивитис се аномалии на френулумот на јазикот, ортодонтски помагала на кои децата потешко одржуваат орална хигиена, остри рабови на кариозни шуплини и др. Честопати како резултат на вироза, грип и покачена телесна температура се воспалуваат и непцата.

Воспалението на непцата може да биде акутно и хронично. Во зависност од областа на ширењето, воспалението може да биле локализирано или генерализирано.
Доколку воспалението е во почетна фаза, ја зафаќа интерденталната папила, таа е отечена, црвена и најчесто во оваа фаза нема болка. Веќе во наредната фаза воспалението, освен интерденталната папила, го зафаќа и гингивалниот раб на непцето. Веќе има поголем оток, изразено црвенило и крвавење на непцата при миење на забите. И на крај е тешката форма на гингивитис каде што е зафатено целото непце, сите гингивални рабови, има изразено црвенило, оток, болка, крвавење на непцата при миење на забите, но и спонтано крвавење на непцата. Родителите обично забележуваат непријатна миризба од устата на детето.

Катарактен гингивитис кај децата се манифестира при ерупција или промена на забите, кој се карактеризира со болка при џвакање и при четкање на забите, непријатна миризба на устата и дечињата се жалат на чешање во устата. Некои деца во ваков случај одбиваат да јадат.

Терапија

Во третманот, лекувањето на воспалението на непцата, најпрвин треба да се отстрани изворот на воспалението. Потребна е правилна орална хигиена, миење на забите 2 пати на ден. Се користат пасти и четки за чувствителни заби. Важно е да се посети стоматолог за целосно и детално да се отстранат денталните наслаги и забниот каменец, доколку го има. Се отстранува каменецот со ултразвук и се вклучува антивоспалителна терапија, односно плакнење на устата со антисептици хлорхексидин, употреба на антивоспалителни гелови и масти. При потешка форма на гингивитис се вклучува и антибиотик. Се препорачува земање на витамин Ц бидејќи го зајакнува непцето. Се избегнуваат шеќери во исхраната, кои дополнително можат да ја влошат ситуацијата. Исто така, се препорачува плакнење на устата со чај од камилица. Најбитно во превенцијата на појава на гингивитисот е правилната орална хигиена, не само на забите туку и на непцето. Доколку детето не може само да ги исчетка забите, родителите треба да му помогнат.



912

X