Иако се смета за лесна инфекција, неретко се случува да стане вистински проблем, особено поради јаката болка што го држи пациентот буден цела ноќ
Воспаление на надворешниот ушен канал (otitis externa) може да се јави во кој било период од годината, но е почесто во лето. Изложеноста на увото на надворешни влијанија, особено водата (морска, езерска или во базени) каде што живеат многу микроорганизми, може да го предизвика воспалителниот процес. Секако, мора да постои влезна врата, а тоа се микро и макротраумите кои ги правиме при „чистењето“ на ушите (особено со чепкалки), или чистење на ушите со прсти и други предмети. Децата кои по цел ден си играат со песок несвесно се почешуваат или ги ставаат прстите во увото.
Болката се јавува со појава на оток кој понекогаш може да е толку голем што целосно ќе го затвори ушниот канал
Иако се смета за лесна инфекција, неретко се случува да стане вистински проблем, особено поради јаката болка која го држи пациентот буден цела ноќ, па и да доведе до прекин на долгоочекуваниот одмор.
На почетокот се јавува непријатност, пецкање и жарење во увото што се должи на хиперемијата (црвенилото) на ѕидовите на ушниот канал. Болката се јавува со појава на оток кој понекогаш може да е толку голем што целосно ќе го затвори ушниот канал. Увото станува осетливо на допир, особено при истегнување на ушната школка или притисок во предниот дел на ушниот канал. Често се јавува и болка при џвакање на храната, а поради отокот, се намалува и слухот.
Лекувањето најчесто е диктирано од моментот кога пациентот се јавил кај оториноларинголог.
На почеток инфекцијата може да се санира со локална интервенција и примена на капки за уши. Почесто пациентите се јавуваат на лекар кога болката е силна, па покрај овој третман потребна е и примена на системски антибиотици.
Превентивно препорачувам употреба на ушни силиконски чепови или капи за пливање кај оние што често имаат вакви инфекции, било поради анатомската конфигурација на каналот било поради други причини и предиспозиции.
Не се препорачува никаква манипулација во ушниот канал заради опасност од негова повреда, дури и повреда на ушната мембрана (тапанче) која се наоѓа на дното на каналот.
Следете ги советите и ви посакувам убав летен одмор и уживање покрај прекрасните морски и езерски води.
912