Целта на оваа приказна е преку рефлексија да ги охрабри децата во прифаќање на моменталната ситуација и да ги мотивира да го амортизираат стресот

Ќе ви раскажам една приказна што ја напишав за потребите на децата од 2 до 5 години, вклучително и за мојот 4-годишен син, поради моменталната социјална изолација. Оваа приказна му помага на детето да се растовари од чувство на страв, лутина, бес и да ги разреши сопствените фрустрации (не можам да одам во градинка, не можам да одам кај своето другарче, не можам да одам со мама и тато во маркет, игротека…), вели Христина Стефановска, лиценциран психолог.

Долгата изолација кај децата може да предизвика страв или агресија доколку не им понудите игрив период во својот дом, објаснува таа.

-Целта на оваа приказна е преку рефлексија да ги охрабри децата во прифаќање на моменталната ситуација и да ги мотивира да се повикаат на своите интереси, моќ и способност и со нивна помош да го амортизираат стресот – додава таа.

Си било едно мало славејче кое живеело во своето гнездо високо во врвот на еден бор, заедно со своите родители. Веќе подолг период славејчето не треба да лета наоколу и сите заедно седат во својот дом. Еден ден малата птица ѝ рече на својата мајка:
– Зошто не можам да летам наоколу? Се лутам и сакам да излезам со своите другарчиња надвор, на игралиште и во паркот?
Неговата мајка го зеде во својата прегратка и му рече:
– Некои работи не се исти како што беа претходно. Но верувај ми, наскоро ќе бидеш слободен и ќе можеш да леташ. Она што сега најмногу ти треба е твоето трпение. Нели ти отсекогаш беше многу трпелив и разумен. Ти благодарам за тоа што си таков.
Славејчето знаеше дека може да ѝ верува на својата мајка, таа беше мудра жена и со секого многу убаво и љубезно зборуваше.
Така малата птица, додека чекаше, се изненади колку многу работи знаела да прави. Освен што пееше најубаво, знаеше и да црта, бои, танцува и да игра.

А сега ти, дете, додај што сè може ова славејче да прави додека трпеливо чека.

Славејчето може да…

Со дозвола од родителите, заедно со приказната објавуваме и цртежи, кои пристигнале кај нашата соговорничка откако им ја понудила приказната за децата.

Читајте им ја приказната онолку пати колку ќе посакаат. Направете цртеж од приказната. Дајте му име на славејчето.Бидете трпеливи со децата, објаснува психологот. Објаснувајте им го тековниот режим на живот соодветно на нивната возраст.

Христина Стефановска, психолог во Здружение „Хармоничен свет”

– Кај децата од предучилишна возраст нема да забележите негативни емоции или негативно однесување доколку им го дадете она што им е најважно во овој период, а тоа е игриво и топло детство. Особено децата што подолготрајно посетувале предучилишна установа ова прибежиште кон домот не можат да го заменат со ниедно друго задоволство на светот. Сметам дека родителите треба да дозираат колку информации ќе добиваат децата и да филтрираат какви, за забраната за движење надвор да се надомести со игра. Мојот совет е и да се внимава колку ќе се користат екраните, но и на однесувањето на возрасните, за да не се пренесе стравот на децата – вели Стефановска.

Детски бисерчиња

Ова се дел од одговорите на децата и нивните прашања:
• Дали и ние сме како славејчето, дали и кај него има корона?
• Славејчето може да се гали и гушка со мама и тато.
• Славејчето може да помага во готвење и правење ручек.
• Славејчето може да прави фризури.



912

X