Игротека

Волшебните чевлички на Дороти повторно го најдоа патот до дома

Волшебните црвени чевлички што ги носеше Џуди Гарланд во филмот „Волшебникот од Оз“ беа украдени пред 13 години од музејот во нејзиниот роден град Гранд Рапидс, Минесота.
Чевличките, осигурани на еден милион долари, биле украдени во август 2005 година кога некој влегол во музејот низ прозорецот, ја скршил малата стаклена кутија во која биле изложени и ги украл.
Станува збор за најславните чевлички во историјата на американскиот филм. За враќањето на магичните чевли во меѓувреме била понудена награда од милион долари, но нивната судбина остана мистерија сѐ додека ФБИ неодамна не објави дека се пронајдени и дека се во добра состојба.

Полицијата на градот Гранд Рапидс вели дека со години безуспешно следеле многу траги. Потрагата по крадците сè уште трае, а ФБИ ја моли јавноста за какви било информации за евентуалните осомничени.
Во романот на Л. Франк Баум, на кој се базира филмот, магичните чевли биле сребрени, но за холивудските хитови од тоа време се користела нова технологија за изработка на филм во боја, техниколор, па сребрените не биле доволно ефектни.
Нема точни информации за тоа колку чевли биле направени за Дороти, но се претпоставува дека станува збор за шест или седум пара.
До денес, преживеале најмалку три идентични пара чевли што ги носела Џуди Гарланд. Еден пар е изложен во Американскиот историски музеј во Вашингтон, кој во 2016 година собрал повеќе од 300.000 долари за да ги реставрира и да ги врати во првобитната состојба.

Поврзани написи

To top