Врсничкото насилство, за жал, стана доста често, а детето кое е жртва не може само да си помогне, туку некој треба да го охрабри и да го научи како да се справи со насилникот.
Булингот не е е вообичаена појава само во средно училиште. Проблемите почнуваат порано, во основно училиште, а насилниците ги среќаваме дури и во градинка. Кога вашето дете ќе стане жртва на злоупотреба од врсници, вие ќе реагирате со поделени емоции. Што да направите, како да се однесувате кон сопственото дете, како да се однесувате кон насилникот, неговите родители, училиштето или наставникот? Сѐ што сакате е да го заштитите вашето дете, да го утешите и охрабрите, а кон насилникот, иако повеќе би сакале да го натепате, мора да се однесувате рационално и да се обидете да го решите проблемот на мирен начин.
Вознемирувањето се јавува во неколку форми: тоа може да биде физичко (туркање, удирање), вербално (навредливо или заканувачки) или психолошко и емоционално (ширење шпекулации или исклучување некого од разговор или активност).
Со широката употреба на социјалните медиуми, несоодветното однесување кај децата може да се појави и надвор од училишните часови, преку социјалните мрежи или СМС-пораки. Овој феномен, познат како сајбер-булинг, е особено штетен и агресивен, од него е тешко да се одбрани личноста, а големиот број врсници што ќе видат срамни откритија дополнително ја влошува ситуацијата на жртвата.
Првиот чекор во справувањето со насилниците е да препознаете кога вашето дете е жртва.
Типични симптоми кои укажуваат дека детето е жртва на злоупотреба вклучуваат физички нарушувања, како што се болки во стомакот, детето изгледа загрижено, исплашено и не сака да оди на училиште или во градинка.
Разговарајте со вашето дете, прашајте го со кого поминува најмногу време на часовите, кој е неговиот најдобар пријател и со кого не сака воопшто не се дружи.
Бидејќи децата се мали, поставувајте општи прашања, но како што растат, ќе можат подобро да го артикулираат и да го откријат проблемот, па ќе можете да поставувате поконкретни прашања. Ваша задача е да откриете што се случува во животот на вашето дете.

Откако ќе утврдите дека вашето дете е жртва на врсничко насилство, прво размислете за решенија за да го спречите малтретирањето пред да ескалира. Дајте му на вашето дете неколку идеи за тоа како да се обиде да ја спречи злоупотребата.
Во моментот на нападот, детето нема да може да размислува рационално, па некои подготвени одговори можат да му помогнат.
Направете листа со одговори
Вежбајте фрази што детето може да ги користи за да каже некому да престане со насилничкото однесување. Треба да биде едноставно и директно: „Остави ме на мир.“ „Тргни се од мене. Не сакам да се расправам.“
Играње улоги „што ако“
Играњето улоги е одличен начин за градење на самодовербата и зајакнувањето на детето за подобро справување со предизвиците. Можете да го играте насилникот и да го натерате детето да вежба различни одговори, додека не се чувствува самоуверено во решавањето на проблематичните ситуации. Додека ги играте улогите, научете го да зборува со силен, цврст глас. Лелекањето или плачењето само го охрабрува насилникот.
Поттикнете го позитивниот говор на телото
До тригодишна возраст детето е подготвено да научи трикови кои ќе го направат помалку привлечна мета.
Вежбајте „контакт со очи“ со вашето дете и охрабрете го да гледа во очите на своите пријатели, но и на дете кое не е пријателски расположено. Гледајќи го директно в очи, покажува дека не чувствува страв, па насилниците често се повлекуваат. Запомнете, насилникот секогаш бара несигурна и слаба жртва.
Исто така, вежбајте глумење тажно, храбро и среќно лице и објаснете му на детето да му го покаже на насилникот своето „храбро“ лице. Кога ќе наидете на насилник, поважно е како изгледате отколку што зборувате.
Секој ден разговарајте со вашето дете за сè што се случило на училиште. Користете мирен, пријателски тон и создајте блага клима, за детето да не се плаши да каже дали нешто не е во ред. Нагласете дека неговата безбедност ви е важна и дека секогаш може да разговара со вас за какви било проблеми.
Колку поголема самодоверба има детето, толку е помала веројатноста дека ќе биде злоупотребено. Поттикнете хоби, воннаставни активности и социјални ситуации кои го покажуваат најдоброто кај вашето дете. Нагласете ги неговите квалитети и поттикнете го уште повеќе да ги истакне.
Кога вашето дете ќе ви каже како го смирило насилникот, дајте му до знаење дека сте горди. Ако сте сведок како друго дете се соочува со насилник во паркот, покажете му го тоа на вашето дете за да може да го копира тој пристап.
Со текот на времето детето ќе разбере дека насилниците имаат потреба од моќ и контрола над другите и желба да ги повредат другите. Честопати им недостигаат самоконтрола, емпатија и чувствителност.
Еве што друго можете да го советувате вашето дете:
„Кога некој на училиште ќе каже нешто лошо за тебе, кажи си нешто позитивно. Потсети се на твоите позитивни особини.“
Важно е претходно да разговарате со вашето дете и да ги дефинирате сите позитивни квалитети заедно за да може да се сети на нив во важен момент.
„Ако некој те малтретира, кажи му со одлучен глас дека ти пречи.“
„Не покажувај му на насилникот дека те повредил. Само игнорирај го неговото потсмевање, како воопшто да не ти се обратил.“
„Ако се најдеш во ситуација насилникот да ти се заканува, држи се настрана и кажи ѝ сè на возрасната одговорна личност.“
Контактирајте со родителите на проблематичното дете
Јавете им се на родителите на детето кое го малтретира вашето дете и смирено, без агресија кажете им дека целта ви е заедно да го решите проблемот. Можете да кажете нешто како:
„Се јавувам затоа што ќерка ми цела недела се враќа од училиште вознемирена. Ми кажува дека Теа ја навредувала и ја исклучила од играта. Не знам дали Теа спомена нешто од ова, но би сакал да им помогнам подобро да се сложуваат. Дали имате некои предлози?“
Соработувајте со училиштето
Ако детето, од која било причина, едноставно не сака да пријави злоупотреба, одете со него кај наставникот, воспитувачот или директорот. Распрашајте се за ставот на училиштето кога станува збор за малтретирање, документирајте ги случаите на злоупотреба, водете евиденција и бидете во тек со следење на ситуацијата во училиштето. Побарајте стручна помош ако е потребно.
Иако сè повеќе училишта спроведуваат програми за превенција од насилство, многу од нив, за жал, сè уште немаат доволно квалификуван кадар или ресурси.
Научете го детето на вештини за справување
Ако вашето дете било малтретирано, потсетете го дека не е негова вина, дека не е само тоа и дека вие сте тука да помогнете. Важно е децата да ги препознаат своите чувства за да можат да кажат што се случува. Затоа, родителите треба да зборуваат и за сопствените чувства. Она што родителите не треба да го прават, без оглед на возраста на детето, е да претпостават дека насилството од врсниците е нормална појава која сама ќе се реши.