Воспитување

Водич на мајка ми за воспитување добри мажи. Одгледа единец, без пари за одмори и патики од брендови

Можам да изјавам дека нема да завршам на листата со непожелни личности по медиумите. Како и повеќето мажи што ги знам, успеав да имам професионална кариера и лични односи ослободени од злоупотреба, навреди, па дури и безобразие.

Самоуверено го кажувам тоа бидејќи сите неодамнешни вести од неотповикливи, па дури и криминални случаи во врска со однесување на мажите предизвикаа многу мажи како мене да направат лично, трезвено метално преиспитување. Повеќето момци со кои разговарав ги ревидираа минатите постапки, што е одлично, иако во голема мера другите го осудуваат нашето однесување бидејќи самите може да имаме слепи точки во огледалото во ретровизорот.

Ја поврзувам мојата себесвесност директно со одгледувањето од страна на мојата силна мајка, која ми даваше поддршка. Речиси 16 години додека растев бевме само ние двајца. Одгледа син-единец, без пари за одмори и патики од брендови. Всушност, кога бев дете, работеше примарно како дадилка, за да биде дома со мене по училиштето додека бев мал, а тоа значи и дека помагаше да се одгледаат и други деца. Неодамна ја прашав дали свесно помислувала на одгледувањето добар маж и дали имала некои филозофии по кои се водела или, пак, вредности  што ѝ помогнале да ме порасне.

– Да. Сакав да бидеш личност која на другите ќе им се допаѓа и на која ќе ѝ се восхитуваат, бидејќи јас нема секогаш да бидам тука, а тебе ќе ти требаат други луѓе да ти помогнат. Така, сè што правев беше за твојата сигурност, но и за светот – ми одговори таа.

Па така, еве го водичот на мојата мајка за одгледување добри мажи.

Промовирање љубезност и емпатија

Во текот на моето детство таа ми пренесуваше што значи да се биде џентлмен: да се приспособува на потребите на другите и да ги почитува без тоа од него да се бара. Уште размислувам за тие дискусии. Нејзините водечки особини вклучуваа чувствителност, емпатија, сочуство и самодисциплина. Исто така, сакаше да ги ми ги пренесе и одличните квалитети на спиритуалниот живот: љубезност, милосрдие.

Секогаш приоритет ѝ беше верската едукација, па тие вредности да бидат зацврстени и од страна на учители. Тоа не ме спречи да навлегувам во неволји, но таа беше внимателна. Уште се сеќавам на времето кога ме влечеше од христијанскиот хор, бидејќи ме фати како ја попречувам пробата заедно со уште неколку другари правејќи шеги и глупирајќи се. Засрамувачки, но научена лекција.

Зборовите се важни

Мајка ми немаше толеранција за лошо изразување. Секогаш реагираше бурно и луто ако кажев лош збор. Еднаш реагираше многу жестоко кога го напишав зборот „кучка“. „Никогаш немој да го употребуваш тој збор за да опишеш некоја жена!“ Никогаш повторно не го сторив тоа.

Изградете самопочит

„Сакав да се чувствуваш сигурен и да имаш висока свесност за сопствената вредност“, ми рече мајка ми. Често ме охрабруваше да се вклучам во светот, дури и со странци, наместо да се повлекувам и да немам самодоверба. Ми рече дека гледа оти и јас помагам да се развие истото чувство кај моите ќерки. Мојата сопруга и јас сметаме дека нивните силни и смели карактери се силни страни кои ќе им служат во текот на целиот живот.

Нагласете ги семејните врски

Мојата мајка, исто така, чувствуваше дека дел од формирањето на силниот идентитет произлегува од начинот на кој сме поврзани со нашето семејство, дури и со нецелосно како моето. Ми пренесе семеен идентитет, како што тоа го направила и нејзината мајка. Се погрижи да сфатам кои сме, што претставуваме и како се однесуваме.

Дајте го правилниот одговор во согласност со возраста

Критика за денешното родителство е што децата растат мислејќи дека секојдневно треба да им бидат упатувани пофалби. Мајка ми ми беше голема поддршка за моите креативни идеи додека бев мал, но направи свесен пресврт кога пораснав и бев подготвен да се грижам сам за себе, па ми задаваше и задачи кон кои беше конструктивно критична. Кога бев млад, ниту еден уметнички или писателски труд не беше исклучен од пофалба. Но, се сеќавам на еден есеј што го напишав во средно училиште, таа го искина бидејќи изборот на зборови бил сиромашен. Подоцна, некои животни одлуки што ги донесов беа пресретнати со скептицизам, наместо со слепа поддршка. Моите деца се доволно мали за да бидат во фаза на пофалби, но можно е да го следам патот на мајка ми кога ќе бидат поголеми.

Негувајте ја независноста

На некој начин, да се биде воспитуван од самохрана мајка бара и да се развие независност. Бев дете што долго пешачеше од дома до училиште и назад. Немав џепарлак, па ако сакав пари, морав да најдам начин да ги заработам, како на пример да купам лопата и да одам од врата до врата за да прашувам дали некому му треба помош со чистење на снегот. Првата летна работа ја имав на 12 години (моја идеја, не од мајка ми).

Останете зафатени

Една од најинспиративните одлуки на мајка ми беше да се вклучам во боксерска лига на 10 години. Често влегував во неволји бидејќи учествував во тепачки на училиште, па пречесто користев боксеви наместо зборови. Боксот ме научи на дисциплина. „Нема да се тепаш на училиште повеќе, бидејќи знаеш како навистина да повредиш некого“, ми рече тренерот. Не беше вистина, но јас поверував.

Децата запаѓаат во неволја кога имаат премногу слободно време, тоа барем ми го кажа мајка ми. Активностите по училиште, спорт, уметничките и литературните активности, ќе помогнат да ги разберете правилата за одговорноста.

Овие лекции за родители ги научив од мајка ми и не се однесуваат само за воспитување момчиња. Се применуваат и на ќерки, се разбира. Но, ми изгледа јасно дека ако ги воспитаме момчињата да бидат чувствителни, дисциплинирани, љубезни и вредни, а и да имаат самопочит и да бидат свесни за својата вредност, ќе имаме помалку случки за мажи кои лошо се однесуваат, а и помалку жртви од тоа лошо однесување. Таа работа почнува со момчињата.

Автор: Дејвид Г. Алан

Поврзани написи

To top