Воспитување

Во училиште се мирни, а дома збеснуваат. Психолозите имаат објаснување…

Наставникот на вашето дете тврди дека тоа се однесува добро додека е во училиште, но вие доживувате нешто сосема спротивно кога ќе стигнете дома. Децата немаат поделена личност, туку доживуваат нешто што се нарекува „последици од ограничување во текот на училишните часови“. Според експертите, тоа е сосема вообичаено и можеме да им помогнеме на нашите деца да го надминат тоа.
– Децата го доживуваат ова на различни начини. Некои имаат тантруми, а некои се повлекуваат или се смирени одреден период по завршувањето на часовите – вели Стејси Хејнс, извршна директорка и психолог за советување во „Little Hands Family Services”.
Таа објаснува дека е природно децата да ја ослободат својата емоционална, ментална и физичка енергија штом ќе се вратат од училиште. Тие мора да покажат голема самоконтрола додека се на училиште.
– Последиците од ограничувањето во текот на училишните часови многу често се јавуваат кај деца под 12 години – вели психотерапевтот Ненси Брукс, но, за среќа, се намалуваат кога децата ќе развијат поголема емоционална еластичност.
– Kога ќе се вратат од училиште, тие се повлекуваат емоционално. Се однесуваат како да се многу помали, плачат, имаат тантруми. Изгледаат и се однесуваат како да се исцрпени – вели Брукс.

Како да му помогнете полесно да ги преброди овие промени

На крајот од училишниот ден повеќето од нас, родителите, сакаме да ги прашаме нашите деца како го поминале денот. Но тоа е можеби последното нешто што му треба на детето, вели Хејнс.

– Дајте му време на детето да се релаксира. Понудете му физичка активност веднаш по училиштето, некој спорт, јога или прошетка – тие се одлични и помагаат за рамнотежа на умот и телото. Домашната работа исто така може да почека и веројатно ќе има подобри резултати кога ќе се направи откако ќе му се одмори мозокот на детето.
Ние треба да бидеме свесни како ќе се однесуваме кога ќе се вратиме дома бидејќи нашите деца ќе го моделираат нашето однесување. Ако сме нерасположени, нашите деца најверојатно ќе го следат нашиот пример. Често кога се враќам дома со својот автомобил го користам тој период за да се ослободам од стресовите што сум ги имала во текот на денот и да си дозволам кога ќе се вратам дома, да бидам „свежа“ за моето семејство – вели Хејнс и додава дека медитацијата и јогата можат да им помогнат на родителите, а може да ги правите заедно со вашите деца.
Брукс вели дека како што продолжува учебната година, така може да очекувате последиците од ограничувањето во текот на училишните часови полека да се намалат – и поради созревањето на децата и поради нивното приспособување кон новиот распоред. Таа вели дека ако тоа трае два-три месеци во текот на учебната година, родителите треба да се консултираат со педијатар или детски терапевт.
Дотогаш, имајте надеж!

 

Поврзани написи

To top