Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка има 2 години и 11 месеци. На 2 години и 9 месеци почна да оди во градинка, но сѐ уште не почнува да спојува зборови (спојува само од 2 до 3 зборчиња). Бидејќи живееме во странство, можам да кажам дека секој ден доаѓа со некој нов збор и почнува да меша зборови (си фатила некој нејзин дијалект), инаку, разбира сѐ, сака да помага, да работи со мене и со деца, знае да брои и на македонски и на странски, пее песнички само на странски јазик. Кога побарав мислење од доктор, ми кажа дека сѐ уште е мала и потребно е време, но загрижена сум, којзнае што ѝ се врти во главчето? Ве молам за совет.

ОДГОВОР: Вашата загриженост како мајка е нормална кога детето паралелно учи и зборува два јазика истовремено. Развојот на говорот почнува многу пред првите изговорени зборови. Детската способност да комуницира со членовите на семејството се развива постапно и развојот на говорот кај повеќето деца се јавува во сличен период со помали разлики меѓу децата.

Секоја ваша комуникација со вашата ќерка, од таа која не содржи зборови, па до разговор и зборување, пеење или читање, еднакво ги поттикнува нејзините развојни способности и е темел на говорниот развој и богатење на фондот на зборови, иако во моментот е на два јазика. Секојдневната комуникација нуди многу можности, а ваши најголеми сојузници се топлината и разиграноста што веќе ѝ ги давате.

Искуството со деца што зборуваат два јазика е дека на почеток тие усвојуваат зборови истовремено од двата говорни јазика, па по одредено време ги користат во ситуации каде што се зборува едниот или другиот јазик. Побарајте совет од логопед кој ќе ве насочи како вашата ќерка поуспешно да ги усвои двата јазика. Во нејзиното главче има радост зашто таа умее да комуницира со зборови, па поттикнувајте да се богати фондот на зборови.

Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.




912

X