Наставата приспособена на интересите на учениците, која инаку со свои реформи се обидува да ја воведе министерството за образование во основните училишта во Србија, учителот Миомир Дејановиќ од Врање сам ја спровел во училишните клупи во основното училиште „Светозар Марковиќ“, претворајќи ги лекциите во стрип. Притоа го поврзал материјалот од повеќе предмети, што е една од основните цели на сегашните просветни власти. Користејќи го стрипот, веќе 25 години држи часови според желбите на децата, поради што Здружението „Живојин Мишиќ“ во 2017 година го прогласи за најдобар наставник на просторите на поранешна Југославија. И покрај сите признанија што ги освоил сам или со своите ученици, минатата недела добил решение да премине од училиштето во Врање во издвоеното одделение во Долно Нерадовци. И покрај фактот дека овој учител се наоѓа на трето место според ранг-листа со 20 учители во училиштето „Светозар Марковиќ“. Додека првопласираната учителка има два поена врз основа на ученички награди од натпревари, а второпласираниот четири, Дејановиќ на медалите од своите ученици добива 15 поени, објавува српскиот медиум „Политика“.

Причината за преместувањето на еден од 20. учители е оправдана бидејќи основното училиште од овој септември има едно одделение со првачиња помалку. Но зошто одлуката паднала токму за оној што ја носи титулата најдобар едукатор, ако се знае дека зад Дејановиќ има уште 17 учители на училишната ранг-листа, меѓу кои и две учителки, кои како и тој во јуни завршиле со децата од четврто одделение?

– Овој потег на директорката Тијана Ѓокиќ е неетички поради фактот дека имам дете со аутизам во друго основно училиште во Врање, како и сопруга која е учителка надвор од Врање и секојдневно патува во селско училиште. Директорката знае дека со ова ќе му се оневозможи на мојот син и понатаму да посетува настава во основното училиште „Радоје Домановиќ“, во кое би требало да заврши осмо одделение. Често се случува тој на училиште да се вознемири, па да нè викнат порано да го земеме, а доколку јас и сопругата патуваме во селските основни училишта, нема да можеме да го приспособиме работното време на носењето и престојот на нашето дете на училиште. Ако директорката на училиштето во кое јас работам, кон мене, родител на дете со тешкотии во развојот, се однесува вака, тогаш каква порака таа ѝ испраќа на јавноста – нагласува учителот Дејановиќ и додава дека на сето ова, нота на апсурдност додава и фактот дека Тијана Ѓокиќ е координатор во проектот „Образование за правата на децата“.

Дејановиќ вели дека случајот го пријавил во општинската и републичката образовна инспекција, како и кај Младен Шарчевиќ, министер за образование, кому му упатил апел за помош.

-Ја прашав директорката зошто баш јас, кога е запознаена со моето место на ранг-листата и семејната ситуација. Писмено не ми одговори, а усно кратко рече дека таа така одлучила – истакнува Дејановиќ.

На прашањето зошто баш Дејановиќ, кој е трет на ранг-листата, се преместува во селско одделение, директорката Тијана Ѓокиќ вели дека во седиштето на училиштето во Врање, поради помал број запишани првачиња, ќе бидат формирани три одделенија. Напоменува дека во учебната 2018/2019 година четврто одделение завршиле четири одделенија, а едно од нив го водел Миомир Дејановиќ.

– Со оглед на тоа дека во прво одделение има еден клас помалку од бројот на наставници во четврто одделение, еден од овие наставници не може да биде распореден во претстојната учебна година како наставник на прво одделение, туку треба да ги преземе првачињата во издвоеното одделение во Долно Нерадовци, наместо да биде наставник на одделенска настава, за чија работа престана да има потреба – истакнува Ѓокиќ.

Таа вели дека споменатата ранг-листа служи исклучиво за утврдување на технолошките вишоци, а не за одредување кој од наставниците ќе биде евентуално распореден во издвоено одделение.

– Како директорка на училиштето, која во претходните шест години се занимава со зајакнување на капацитетите на вработените за правата на децата, а децата во рамките на редовната настава учат за нив, настојувам моите одлуки да бидат во согласност со интересите на сите ученици. Нашето училиште гарантира квалитетно образование на секој ученик, без разлика дали оди во матичното училиште или во издвоеното одделение. Сите вработени во училиштето, кое се стреми да биде модел на училиште за правата на децата, не ја доживуваат работата во рурална средина како казна. Конкретно, во нашето училиште во Долно Нерадовци, кое се наоѓа во близина на матичното училиште, децата и нивните родители ќе ги израдува фактот дека со нив ќе работи и соработува еден од најдобрите учители од училиштето, на чии резултати во областа на стриповите сме многу горди – стои во одговорот на директорката Ѓокиќ.

фотоизвор: politika.rs/ лична архива Миомир Дејановиќ (Дејановиќ во средина, во друштво на најдобрите учители од просторите на поранешна Југославија)

Има простор за преиспитување

Од министерството за образование за српска „Политика“ велат дека во овој случај има простор директорот на училиштето да ја преиспита својата одлука, како и дека Дејановиќ има право да се жали на училишниот одбор, кој е второстепен орган и може да ја разгледа одлуката на училиштето.

– Учителот има право на жалба, а според член 43 од Посебниот колективен договор, може и да почне индивидуален работен спор, настанат по повод загрозување на поединечното право, обврска или интерес од работниот однос – велат од министерството.

Министерот Младен Шарчевиќ за српска „Политика“ истакнува дека е запознаен со случајот и дека го проследил до помошниците во секторот за основно образование. Не сакал да го коментира додека не ги сослуша сите страни, но го советувал учителот Дејановиќ да побара помош од синдикатот.



912

X