Компаниите и училиштата ги следат препораките на министерствата и ги замолуваат вработените и учениците да останат дома доколку патувале во Кина во последните 14 дена, имале гости што патувале од Кина или, пак, имале температура и кашлица. Ова отсуство не влијае врз нивната плата, ниту пак врз бројот на изостаноци, објаснува Поповска, која две години предава како наставничка во библиотека во Сингапур

Во Сингапур бројот на заразени од коронавирусот изнесуваше 30 до вчера. Сомнителните случаи се во карантин и се подложени на тестирања, вели Македонката Стојана Поповска, која две години живее во оваа земја. Таа работи како наставничка во библиотека во приватно интернационално училиште во Сингапур.
Ја замоливме да ни сподели како оваа земја се справува со смртоносниот вирус, особено во школските средини.

Стојана Поповска

Поповска, која претходно четири години живеела во Пекинг, вели дека власта во Сингапур е добро подготвена да се справи со вирусот.
– Министерствата за здравство и за образование се на високо ниво на подготвеност и ги обновуваат мерките на претпазливост во зависност од тоа како се развива и шири вирусот. Компаниите и училиштата ги следат препораките на министерствата и ги замолуваат вработените и учениците да седат дома доколку патувале во Кина во последните 14 дена, имале гости што патувале од Кина или, пак, имале температура и кашлица. Ова го нарекуваат отсуство (Leave of Absence) и не се бележат како отсутни, не влијае врз нивната плата, ниту, пак, врз бројот на изостаноци – објаснува Стојана.

Секое утро им мериме температура на децата

Таа ни доловува какви мерки на претпазливост се преземаат во Канадското интернационално училиште каде што предава, каде што секое утро им се мери температурата на сите деца што посетуваат настава.
– Ги поставуваме четирите прашања што ни ги налагаат и така ќе биде сѐ додека не се променат мерките и препораките на надлежните министерства. Сите големи собирања од типот на претстави, спортски или академски настани се откажани. Екскурзиите, исто така, се откажани сѐ додека не добиеме нови инструкции од министерствата – објаснува Македонката.

Таа додава дека со своето семејство избегнуваат да се движат по туристички места и дека најмногу внимаваат на хигиената и на подобрување на имунитетот.

Стојана објаснува дека и во Сингапур, како и во цел свет, паниката се шири побргу од вирусот.

– Кога избувна вирусот кај нас, во Кина веќе имаше земено голема сила. Имам чувство дека уште нема голема тензија и имаат одлична контрола врз ситуацијата. Веројатно ја имаат научено лекцијата од САРС, тогаш било подраматично и со поголеми пропусти. Имавме распуст за Кинеска Нова година, кој обично трае една недела. Ден пред да се вратиме на настава беа формирани групи од наставници кои сè уште ги проверуваат децата, родителите и наставниците секое утро пред влезот во кампусот. Јас бев меѓу нив. На мојот кампус има два влеза, каде што се поставени станици за мерење температура. Родителите имаат слобода да не ги пуштат децата во училиште, но ако тоа премине во подолг период, сепак, е потребна медицинска белешка дека детето е здраво и дека може да следи настава. Јас сфатив дека нема поента да го чуваш детето дома, дека реално не можеш целосно да го заштитиш. Но, може да не одиш во трговски центри, во туристички области и да се погрижиш хигиената да е на високо ниво – категорична е нашата соговорничка.

Како што поминуваше времето, така ги менувавме прашањата што им ги поставуваме на децата. Сингапур е многу интересен за кинеските туристи, а има и многу Кинези што живеат овде – вели Стојана.

Многу Кинези го посетуваат Сингапур

Вели дека на почетокот родителите биле исплашени. Дури и самата избрала својот 12-годишен син да не го пушта два дена во училиште. Таа објаснува дека многу Кинези од Вухан доаѓаат во Сингапур.

– Вухан има многу централна позиција во Кина и летови до секаде во светот. Сингапур, пак, има многу транзит-летови и е популарен за кинеските туристи. Мерките за заштита од вирусот на аеродромот се исто така на високо ниво – вели Стојана.

Секое утро наставници им ја мерат температурата на учениците во основно школо

Таа е многу задоволна од тоа како државата во која живее се справува со целата ситуација.
– Сингапур беше единствената држава што не крена фама дека ќе ги евакуира своите жители од Вухан. Ќутливо испратија авион, ги евакуираа жителите на Сингапур што беа во посета на Вухан и по влез во Сингапур беа ставени во карантин. Неколку студентски домови се подготвени како карантин-зони. Според она што го кажуваат во вестите, подготвено е и едно мало островче кое би служело како карантин доколку бројот на сомнителни случаи значително порасне. Деновиве организираат дистрибуција на маски до секое семејство во Сингапур, околу 5.300.000 маски – завршува Поповска.

Портокалов аларм во Сингапур – поригорозни мерки

Сингапур денеска прогласи повисок степен на тревога поради коронавирусот, или од жолта во портокалова тревога. По три нови случаи на заразното заболување во градот-држава, властите преземаа поригорозни мерки. 33 луѓе се заразени во моментов. Министерството за здравство упатило нови насоки и препораки за поголемо внимание.



912

X