Наместо да си играат со лего-коцки, десетици деца од предучилишна возраст во Швајцарија учат за демократијата од рана возраст.
„Граѓански проект“ е идеја на три приватни предучилишни установи во Лозана со цел да ги подготват децата да учествуваат во познатата директна демократија во Швајцарија и референдуми за широк спектар на прашања на секои неколку месеци.
– Идејата е децата да научат за демократијата. Сметаме дека е важно да се научат вистинските рефлекси од рана возраст – вели Оливие Деламаделејн, водач на групата „Едукалис“ што раководи со предучилишни установи. Проектот не е прв од ваков вид во Швајцарија, но се издвојува по тоа што учесниците се прилично млади.
Еднаш неделно, 34 деца од три предучилишни установи одат во нивното „село“ во пошумено предградие на Лозана. Некои деца играат улоги како началник на селото, полицаец или медицинска сестра.
– Тие многу сериозно го сфаќаат тоа – вели Деламаделејн и покажува на една „медицинска сестра“ која брза да му помогне на расплаканото момче што падна во снегот.
Облечени во шарени комбинезони за снег, го чекаат големиот ден – референдумот.
Ив Леплатениер, една од воспитувачките, седи зад гласачката кутија и покажува на белото селско знаме украсено со буквата Е.
– Тоа е нашето ново знаме. Децата едногласно го избраа, од двете понудени опции – вели Ив.
Како и тогаш, и овој пат малите добија плик по пошта со гласачки материјал што возрасните го добиваат пред секој референдум. Овој пат тие беа прашани како сакаат да продолжат со изјаснувањето, дали со тајно гласање или со подигнување на раката.
Децата го заокружија гласачкото ливче дома и го ставија во плик, а во селото, под надзор на две девојчиња – „селски началници“, го ставија во гласачката кутија.
Потоа, петте деца од комисијата, заедно со тројца возрасни, одат во мало засолниште што им служи за јадење, а сега функционира како канцеларија за броење.
Ив им објаснува како да го отворат секој плик и да ги распоредат гласовите во две купчиња. Потоа внимателно бројат: 19 гласа за подигнување на раката, 17 гласа за продолжување со тајно гласање.
– Подигнувањето на раката победи – објавува малото девојче Лејла.
Дел од децата изгледаат разочарано затоа што не победи нивната опција, но Ив објаснува дека дел од вежбата е и помошта да ја надминат нивната фрустрација. Следниот референдум ќе биде за неколку месеци и ќе биде многу важен затоа што станува збор за нивниот попладневен сон, колку ќе трае и дали е задолжителен.
Иницијаторите на проектот велат дека идејата е децата да видат како гласањето влијае врз нивниот секојдневен живот и како тие можат да станат фактор во него.
912