Во свет на многу спортски тренинзи, музички лекции и споделено старателство, времето за вечера во САД не е исто како порано. Студиите покажале дека децата што вечераат со своите родители имаат тенденција да бидат поуспешни на социјален, емоционален, па дури и на академски план, водени од генерации на мајки и татковци кои инсистирале на заеднички оброци кога семејството се поврзува.
Но, за многу семејства, тој вид распоред едноставно не е можен. Од работни обврски до здравствени состојби – има многу причини зошто родителите не можат да одвојат време за да седнат заедно со семејството и да уживаат во заеднички оброк секоја вечер. Па, што значи тоа – дали нивните деца се осудени на неуспех?
За среќа, експертите велат – НЕ. Во неодамнешен текст за „Хафингтон пост“ авторката Џули Кендрик зборувала со низа професионалци за дилемата околу модерната семејна вечера. Додека сите се согласуваат дека семејните оброци играат важна улога во развојот на децата, исто така, ја препознаваат потребата од флексибилност. Родителството никогаш не е нешто што им одговара на сите, ниту пак треба да биде. Дајен Нумарк-Стајнер, професор на Универзитетот во Минесота и автор, верува во „заштитниот ефект“ кај семејствата што јадат заедно. Но, ако таа рутина создава стрес, тој ефект може да биде отстранет.
– Атмосферата на масата е важна. Ако има расправии, коментари за количината на изедената храна или, пак, неизедената, тогаш тоа нема да донесе ништо добро – вели таа.
Новинарката Луиз Глисон го искусила тоа во нејзиниот обид да обезбеди домашна зготвена вечера за своите деца и сопругот. „Ги читав тие текстови и ставови на експерти и имав чувство дека треба да ми израсне и трета рака за да се изведе сето тоа. Чувствував притисок да креирам идеална семејна вечера, но не се чувствував добро и бев под стрес цело време додека седевме на вечера. Позитивната вибрација што сакав да ја чувствуваат моите деца ја немаше. Никој не уживаше“, рекла таа. На крајот, присвоила нова филозофија:
„Семејната вечера не е конструкција, туку чувство. „Во нашата куќа масата е место за собирање, а не затвор. Не треба да се приспособуваме на некоја формула што ни ја дава експерт, па затоа создадовме наши практики и традиции.“

Експертите се согласуваат дека петоците резервирани за пица и викенд-оброците сѐ уште обезбедуваат можност за децата да изградат важни вештини, како обрнување внимание и комуницирање. Кога станува збор за емоционален развој, никогаш не се работи за храната, секогаш се работи за времето поминато заедно.
Студиите покажале дека се потребни од 10 до 15 минути за да се поврзете со своето дете во текот на еден ден, без разлика дали е тоа возење до училиште или бањање, сето тоа ги дава истите придобивки како и имањето заеднички оброк со нив. Лора Белоус, професор во одделот за нутриционистичка наука на Универзитетот „Корнел“, изјавила дека најважната работа е да се биде присутен.
„Кога се работи само за храната, тогаш тоа прераснува во нешто друго. Фокусот треба да биде околу разговорот, интеракцијата и споделувањето на емоциите, без разлика како тоа изгледа“, заклучува Белоус.
Автор: Меган Оувердип