– Пред 4 месеци се преселивме во Норвешка. Нашата ќерка наполни 6 години непосредно пред Нова година, па бевме законски обврзани да ја запишеме во прво одделение бидејќи децата во Норвешка тргнуваат во прво одделение во годината кога ќе наполнат шест години, без разлика дали се родени во јануари или декември.
Вака ја започнува својата приказна мајката која за една српска веб-страница одлучи да го сподели нејзиното искуство од животот во Норвешка, а најмногу делот поврзан со училиштето и работата со деца.
Како што вели, веднаш по пристигнувањето во Норвешка биле поканети на разговор во училиштето каде што реонски припаѓаат.
– Ни беше кажано дека ќе ни се јават за неколку дена бидејќи мора да се подготват за нејзиното доаѓање со оглед на тоа што не го знае јазикот. Немаше прегледи, разговори со детето или некакви услови за запишување. По 10 дена ни се јавијa и ни рекоа дека може да почне наредниот ден. Така и направивме. Уште првиот ден остана на училиште неколку часа и ѝ се допадна. Следниот ден остана повеќе од четири часа, колку што трае наставата. Подоцна се приклучи на групата за продолжен престој.
Како што објаснува оваа мајка, првачињата во Норвешка имаат три часа кои траат околу еден саат, два пократки часа и еден подолг одмор.
– Од предметите се учи норвешки, англиски, математика, физичко образование и домаќинство (природа и општество). Кога ќе ја прашам ќерка ми како си помина и што правеше, речиси секогаш ми вели дека си играле. Така и учат. Преку игра. На час не мора да седат на столче. Често седат на подот, но можат да се движат за време на часовите. Постојано прават нешто од хартија, глина или жица. Во текот на денот трипати се надвор, некогаш за време на одморите, некогаш за време на часовите – раскажува мајката.
Што се однесува до ужината, децата го јадат она што го носат од дома во кутијата за храна: парче леб намачкан со џем, салама, нешто што останало од вечерата, овошје, што е можно поедноставно.
– Задолжителна е зимската опрема: скафандер, чизми, капа, шал, ракавици. Ако родителите не можат да си дозволат зимска опрема за детето, постојат здруженија каде што бесплатно можат да набават зимска гардероба. Повеќе од 3 месеци е снежно, па децата постојано одат на лизгање, санкање и скијање. Имаат една домашна задача во неделата. Некогаш на училишниот таблет, некогаш во тетратките. Целиот систем има апликација преку која се остварува комуникација помеѓу родителите и училиштето. Сè што е поврзано со училиштето е во самата апликација. Она што особено ни се допадна е тоа што родителите во петок, на крајот на неделата, добиваат порака во која прецизно се информирани што правеле децата таа недела и што се планира за следната.
Како што вели оваа мајка, немало подароци за наставниците и мајките за 8 Март.
– Општеството е разновидно, затоа се води голема грижа да се почитуваат сите религии и верувања. Така, во училишната апликација дадовме согласност за игри околу елката, одење во црква, сликање, објавување слики на веб-страницата на училиштето, внатре во училиштето… Во Норвешка се стремат кон еднаквост, разбирање и прифаќање на различностите. Има нулта толеранција за каква било форма на дискриминација и насилство. На неколку недели се менува редоследот на седење на учениците за да можат сите да се дружат меѓу себе, да не се формираат групи – раскажува оваа мајка и додава дека забавите во петок, кон крајот на училишниот ден, се многу вообичаена практика во норвешките училишта.
912