Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Јас сум невработена мајка која се грижи за своето 19-месечно девојче. Имам високо образование и бев вработена во приватна фирма сè до пред една и пол година. Меѓутоа, немаше кој да ја чува малата, па затоа одлучив да ја напуштам својата работа, одлука која многу тешко ми падна, пред сè, поради социјалниот живот кој го имав додека одев на работа.

Нејсе, ситуацијата стана многу потешка за мене и за детето сега откако настапи време на изолација. Мојот сопруг секој ден оди на работа, а јас морам да бидам дома со детето, и дополнително не смеам да излегувам никаде освен во дворот. До 14 месеци јас не дозволував детето да гледа телевизија, но сега ситуацијата се промени и се плашам да не создадам зависност.

Дома има многу играчки, но повеќе не ја интересираат. Се обидувам да изнајдам нови игри кои одговараат на нејзината возраст, но сè е залудно. Пред оваа ситуација таа сакаше да ги прелистуваме книгите, да си поиграме со куклите, а сега ако не е надвор, само сака да гледа телевизија. Кога одиме надвор, сум забележала дека сака контакт со луѓе/деца.

Планот беше да започне во градинка од април за да можам јас да се посветам на промена на кариерата која моментално ја правам.

Ве молам за совет како да постапувам понатаму со детето.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Почитувана мајка, родителствувањето е исполнето со многу убави моменти, но и многу предизвици. Честопати кога помислуваме дека сме стекнале вештини за тоа како правилно да се однесуваме со нашето дете, детскиот развој ни носи нови прашања, поттикнувајќи нè да бараме начини со кои можеме да му го овозможиме тоа што му е потребно во одреден развој.
Точно дека сме во состојба на изолација и ограничено време кое ни носи нов ритам на живеење и нови навики. Истовремено вашата ќерка расте и влегува во нов развоен период на детско бунтување. Детската бунтовност се јавува во период од 18 месеци до две години, околу петтата година и во пубертетот.

Наташа Маџевска

Поради што доаѓа до бунтовност? Кога децата се раѓаат, тие се многу ранливи и целосно зависни од родителите. Тие им даваат топлина и блискост. Поради оваа зависност, децата се доживуваат себеси како ваш продолжеток наместо како засебна личност. Околу втората година децата психолошки се одвојуваат од мама и тато за да станат психички здрави возрасни личности, тие полека развиваат свесност дека се посебни личности и стекнуваат доверба во своите способности и совладуваат предизвици кои дотогаш им биле недостижни.

Во овој период децата ги изразуваат своите желби, ги следат сопствените цели и наметнуваат свои правила на игра. Ваквата бунтовност е вообичаена и потребна фаза на детскиот развој. Колку  успешно детето ќе ја надмине бунтовноста, зависи од начинот на кој родителите одговараат на неговото однесување. Не треба премногу да се ограничува детето, но и прекумерното попуштање може да придонесе за тешкотии во преземањето одговорност за детските постапки во иднина.
Како ќе ѝ помогнете на вашата ќерка, а и себеси?

Секогаш понудувајте можност за избор што ќе ја задоволи нејзината потреба за независност и ќе ја зголеми соработката. Изборот да биде едноставен и истовремено и за вас прифатлив. На пример: Пижамите ќе ги соблечеш сега или по миење на забите со четка. Немој да давате повеќе можности. Избегнувајте ги прашањата кои даваат да/не одговори бидејќи во овој период вашата ќерка ќе одговори секако со не, иако можеби и го сака. На пример: „Сакаш топло или ладно млеко?“ наместо „Сакаш ли млеко?“

Обидувајте се да ги предвидите проблематичните ситуации и однапред да поставите граници за да ги избегнете нејзините инаетења, бурни реакции и негодувања. На пример: Денес ќе играме во дворот, а потоа ќе разгледуваме сликовница. Или обратно. Секогаш најавувајте ѝ ги промените на активностите. На пример, ако се наближува времето за јадење, а таа сè уште заинтересирано игра, најавете дека има уште 5 минути, па три минути до крај бидејќи следува ручекот. Децата немаат претстава за време, но со овој пример учат како да завршуваат со играта. Внесете натпреварувачки дух во вашата комуникација, на пример, кој прв ќе ги облече-соблече чевлите, кој прв ќе излезе надвор или ќе влезе дома, кој прв ќе ги измие забите, ќе се облече-соблече и други примери.

Во врска со вашите играчки дома, би ви предложила еден дел од нив да ги спакувате и повремено да ги менувате, бидејќи и со премногу играчки децата губат интерес за избор и игра. Секогаш побарајте да ги раскрева играчките, а ако не сака сама, понудете ѝ заедно да ги соберете.

Бидете флексибилни и носете одлуки со кои и двете ќе бидете задоволни. Ја поддржувам идејата кога ќе има услови да оди во градинка. Тоа е корисно за вие да ја следите вашата кариера и за неа да стекнува социјално дружење, здрав емоционален и психички развој и да гради свој сопствен идентитет.

Влегуваме во период на олабавување на мерките и со големо трпение и грижа за себе и за семејството доаѓаат поубави моменти.

Одговор: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

 



912

X