Малите сипаници се шират преку директен контакт и по воздух, преку кашлица и кивање
Во најблиското наше соседство и во многу популарни дестинации за патување, како Грција, Србија, Косово, Албанија, Бугарија, Хрватска, Италија, Франција, Шпанија, Португалија и многу други европски земји, во моментов има епидемија на мали сипаници-морбили. Не патувајте незаштитени, советуваат од Институтот за јавно здравје.
– Институтот за јавно здравје им препорачува на сите патници да го проверат својот вакцинален картон и вакциналните картони на своите деца за да се сигурни дека се целосно вакцинирани согласно Календарот за имунизација на Република Македонија, вклучувајќи и две дози со вакцина против мали сипаници, или соодветно на возраста – велат оттаму.
Увезени случаи
Од 20 март до 20 јуни годинава кај нас се регистрирани три нови потврдени случаи на мали сипаници. Eден 38-годишен жител на Општина Сарај со мали сипаници e пријавен во текот на мај. Бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести. Не бил вакциниран со вакцина против мали сипаници, а се претпоставува дека се заразил на патување во Нови Пазар, Србија. Во Дебар имало две лица со симптоми на мали сипаници. Се работи за брачен пар – маж на 42 и жена на 38 години, кај кои исипот се јавил на почетокот на јуни. И тие биле хоспитализирани на Инфективната клиника, а биле вакцинирани со една доза вакцина.
– Не патувале надвор од Македонија, но дале податок дека нивниот син патувал во Албанија, од каде што по враќањето развил симптоми карактеристични за мали сипаници. Тој не бил лабораториски тестиран, а болеста кај родителите се јавила во рамките на периодот на инкубација за мали сипаници – велат од ИЈЗ.
Во текот на 2018 година се пријавени вкупно 14 случаи на мали сипаници. Од нив 13 се лабораториски тестирани и потврдени, еден е клинички случај. Девет од заболените живеат во Скопје, 2 во Дебар, а по еден во Куманово, Тетово и во Охрид.
Инаку, епидемиолозите сметаат дека немаме колективен имунитет за морбили зашто не се вакцинирани 95 отсто од оние што треба да се заштитат. Кај нас висок опфат на вакцинирани деца имало сè до појавата на антивакцинални кампањи што пропагираат дека вакцините се штетни и предизвикуваат цела низа опасни и смртоносни болести.
Лесно се шират
Кога ќе нападнат сипаниците, првите знаци на инфекција обично се висока температура и симптоми на настинка, како течење на носот. По неколку дена се појавува исип, обично прво на лицето и на вратот, а потоа по телото. Малите сипаници може да се поминат многу лесно, но и да предизвикаат воспаленија и сериозни компликации, па и да бидат фатални кај организми со слаб имунитет. Тие се шират преку директен контакт и по воздух, преку кашлица и кивање. Се сметаат за лесно преносливи. Кај 20 отсто од случаите се случува воспаление на белите дробови, или морбилиозна пневмонија. Ако таа не се лекува навреме, може да се искомплицира и поради друга бактериска инфекција. Морбилите може да предизвикаат морбилиозен енцефалитис, или воспаление на мозокот.
912