Надлежните од Министерството за труд и социјална политика и од Министерството за здравство засега не отстапуваат од одлуката да се вратат на работа сите што досега по разни основи беа ослободени од работни обврски

На само еден ден пред да се вратат на работа сите што изминатите шест месеци по разни основи беа ослободени од работни обврски, сè уште е неизвесно што ќе се случува со нивните деца, дали и каде ќе ги сместат, особено што многумина се плашат за нивното здравје во ситуација кога расте бројот на нови случаи од Ковид-19.

Иако пред една недела родителите чии деца се на претшколска возраст ги оптоварија телефоните на градинките барајќи начин како и каде да ги сместат своите деца, сепак, според надлежните институции, сè уште има слободни места во овие установи.
Оттаму велат дека веќе се обезбедени дополнителни простории за упис и за сместување нови деца.
Но, јасна слика за комплетниот капацитет овие установи ќе имаат по 1 октомври зашто најголем дел од родителите се изјасниле дека тогаш редовно ќе ги носат децата во градинка.

Фото: МТСП

Голем дел од родителите сè уште се двоумат дали да ги пуштат своите деца во градинка бидејќи изминатиов период беа регистрирани неколку случаи на заразени во градинките.
Откако беа отворени на 9 септември, Ковид-19 беше потврден кај вработени во градинки во Битола, Скопје и во Свети Николе, а заразата беше дијагностицирана и кај дечиња што ги посетуваат детските установи. Три случаи беа потврдени во струмичка градинка каде што децата се заразиле меѓу себе. Едно дете со позитивен тест на корона има и во скопска градинка во групата јасли.

Родителите го искажуваат револтот преку протести и коментари на социјални мрежи

На социјалните мрежи најмногу коментари има од мајките на кои не им беше продолжено породилното отсуство и мора веднаш да најдат начин каде да ги остават децата на чување. Многу од нив сметаат дека ваквите одлуки се избрзани и дека родителите ќе бидат принудени да дадат отказ на работа за да ги чуваат своите деца.
За таа цел, изминатата недела се одржаа и два протеста пред Владата во Скопје.
Во коментари на социјалните мрежи голем дел од мајките го пишуваат името на нивното дете и во која градинка е поднесено барање за негово запишување, надевајќи се дека нивните барања ќе ги видат и надлежните од Министерството за труд и социјална политика.
Сепак, надлежните од Министерството за труд и социјална политика и од Министерството за здравство засега не отстапуваат од одлуката да се вратат на работа сите што досега по разни основи беа ослободени од работни обврски, зашто сметаат дека градинките веќе се отворени за работа, во нив има доволно место за сместување и веќе нема поента родителите да отсуствуваат од работа. Посочуваат и дека се поставени јасни протоколи за заштита во градинките кои се почитуваат, како и дека со внимание се следат сите позитивни случаи што се појавиле.

Приоритет е пренамена на нови простории

Надлежните во градинките посочуваат дека очекувале поголем интерес за упис на децата зашто по најавата дека сите се враќаат на работа имале многу јавувања од родителите.
Најголем е интересот за сместување на децата во јасли, но направиле прераспределба и пренамена на простории кои не ги употребувале.

Елена Устаметова, директорката на градинката „Буба Мара“ во скопски Аеродром, вели дека најголем интерес за запишување деца има во најмалите групи, каде што треба да се сместат тие до двегодишна возраст. Но, потенцира дека состојбата не е алармантна.

– Имаме листа на чекање за деца што треба да посетуваат јасли. Приоритет ни е да го приспособиме просторот, салите за физичко воспитување ќе ги пренамениме во простории за престој на децата. Во некои групи ги надминуваме капацитетите за работа според протоколите, но ќе одговориме на сите родители што имаат потреба децата да ги сместат во градинка – вели Устаметова.

Според неа, има многу деца што се запишани од 9 септември, но не ја посетуваат градинката, па затоа ги контактираат сите родители што ќе ги носат децата во градинка, за да го знаат точниот број на деца што секојдневно би ги згрижувале.
– Градинката може да прими 552 деца за работа според протоколите за заштита од коронавирусот. Засега редовно згрижуваме околу 320 деца, но очекуваме нивниот број следниот период да порасне – посочува таа.

Маја Ристовска, директорка на градинката „Росица“ во Ѓорче Петров, вели дека кога првиот ден родителите слушнаа дека од 23-ти треба да се вратат на работа, веднаш се јавуваа и прашуваа што ќе правиме, дали имаме место и слично.
– Но потоа немаше некој позначителен интерес за упис. Некои од родителите се изјаснија дека ќе ги носат децата во градинка од 1 октомври, кога ќе стартува и учебната година. Во сите пет клона имаме уште 30 слободни места. Им се јавивме на оние родители чии деца се запишани, а не доаѓаат за да прашаме што е причината што не доаѓаат, па излезе дека некои се откажаа, а други се изјаснија дека ќе доаѓаат од 1 октомври. Засега имаме и просторни услови и доволно кадар за да ги задоволиме потребите – посочува директорката Ристовска.

Гзиме Бакиу, директорката на градинката „Фидани“ во скопската населба Чаир, вели дека малку деца имаат на листата на чекање зашто голем дел од просториите во градинките ги ослободиле и ги пренамениле во места каде што ќе се сместуваат децата.

– Имаме простор да отвориме уште две до три групи за деца. Според протоколите, можеме да згрижиме 579 деца, но околу 40 отсто од нив доаѓаат секојдневно. Многу од родителите се изјаснија дека децата ќе ги носат редовно од 1 октомври, па затоа и тогаш ќе ја знаеме реалната бројка и соодветно на тоа ќе ги подготвуваме и групите и просториите во овие установи – посочи директорката Бакиу.



912

X