Кога во првата следна пригода ќе бидете сведок на врсничко насилство, на дивјачко однесување, на безредие во училница и очигледна немоќ на наставниот кадар, на незаинтересираност за културна и духовна надградба и кога за истото ќе се обидете да го најдете виновникот, веднаш показалецот вперете го во себе!
Напомена: Однапред молам текстот да не биде ставен во каков било политички контекст при читањето!
Знаете, понекогаш, да речам сè почесто, се прашувам – дали има пилот во леталово? Да бидам попрецизна, мислам на леталото наречено социо-образовен систем. Со години, па и децении наназад овој систем го одбележаа низа скандали, од несоодветни учебници со вџашувачка содржина, дискутабилни резултати од меѓународното ПИСА-тестирање на учениците, необјасниво и вџашувачко однесување и дивеење низ училиштата со класично демолирање на училишниот инвентар, катастрофални хигиенски услови во училиштата до крајно несоодветно однесување на стручниот кадар во воспитно-образовните институции. Системот кој треба да биде темел на општеството и кој треба да ја произведе идната работна сила е еродиран до тој степен што ако човек се обиде да се фокусира на можните носители на одговорност, ќе се изгуби во вителот од закони, надлежни институции, незаинтересирани, деградирани и разочарани вработени, неодговорни родители, разгалени деца и што ли уште не. И од сите нив ни збор, целосен молк, а одговорност – можеби во некој друг живот.
Почетоците со Сизифови маки
Ајде да изнесеме дел од реалноста, болна но вистинита, со која се соочуваме уште на самите почетоци од социо-образовната инклузија. Проблематичен, а во некои општини и речиси невозможен упис во детските градинки! Резултат – некои од родителите уште од самото доаѓање на свет на нивната рожба поднесуваат документи за упис за да бидат ставени на листа на чекање, за да може по 9. месеци законски предвидено отсуство на мајката (во исклучително ретките случаи на таткото) поради раѓање, детето да биде соодветно згрижено доколку, се разбира, родителите не се одлучат за негово доверување на функционерката – баба.
Запишувањето е вистинска лотарија до степен кога се јавува потреба родителите да ангажираат цел арсенал на роднинско-пријателски „врски“. Почетоците, пак, се придружени со Сизифови маки. Квалитетот на кадарот е следниот пресуден момент поради соодветно пренесување на предвидениот материјал и негово апсолвирање од страна на деца за кои играта е сè, а кои треба од година на година да се воведуваат во светот на образованието и прифаќање на навиките што треба да ги усвојат – самостојно хранење, облекување, физиолошки потреби и слично. Неоспорен е фактот дека установите се соочуваат со дефицит на кадар, но уште понеоспорно е дека ретки се оние со неверојатно трпение. Што се однесува до сознанијата за тоа како протекуваат деновите и резултатите од воспитниот, социо-образовниот развој на децата, а во одредени ситуации и за проблематично однесување и разрешување спорни ситуации, родителите се затечени доколку добијат одредена информација и биде прекршен челичниот завет на молчење и ако добијат нешто повеќе од светото – не знам – како информација.
Кадар нема, ама и квалитетните се ретки
Дојдовме до родителите. Секакви ги има. Заинтересирани, загрижени, незаинтересирани, исфрустрирани, образовани, не-или-полуобразовани, свесни и несвесни за слабостите, мааните и способностите на сопствените деца. Вечно посветени на професијата и трката по пари, како и оние ЧУДНИТЕ според кои не е сè во парите, туку и во потреба од поттикнување развој на мозочните клетки на сопствените деца. Родители со кои вработените можат да се разберат, со некои едвај, а со некои пак воопшто не, па така во сеопштата конфузија секој тера како умее и знае во насока на оспособување на своите деца. Во овој период семето на инертност е посеано.
Ирина Микеска
Приказната продолжува со чинот на запишување во училиште, што само по себе е задолжително. А од тој момент станува уште поинтересно. Од секој аспект. Внимавајте, мешавина од деца – кое повеќе, кое помалку созреано и подготвено за училишни предизвици, деца помеѓу кои постои очигледен јаз паднат на плеќите на нивните родители од аспект на економски и финансиски можности за подигнување на нивните деца. А децата, сите со помалку или повеќе, исти потреби. Деца на газди и деца на интелектуалци (не дека некои од газдите не се интелектуалци), деца на работници, деца… различни во сè! Уште пошаренолико милје на наставници и стручна служба. Такви што сериозно вложувале во себе и своето знаење и кои можат да им бидат потпора на учениците. Неосновано унапредени, неосновано деградирани, љубезни и културни, па и крајно незаинтересирани, фрустрирани, искомплексирани. Стручно и финансиски демотивирани. Со префинет вкус и чувство за естетика и почитување на заборавениот дрес-код, како и оние што дефилираат со змиски-тигрести-зебра или леопард дезени при избор на својот профи аутфит. И токму во овој момент ми текнува на мојата вечно омилена наставничка од прво одделение, мојата најсакана наставничка Фанче. Дама и професионалец пар екселанс! Едноставно создадена за работата која можеби случајно, а можеби и свесно ја избрала. Не можам да не се потсетам и на мојата почитувана професорка по македонски јазик од средношколските денови, таа опасна професорка полна со знаење која имаше неверојатно чувство кога да биде „остра како брич“, а во кои ситуации да покаже изобилство од разбирање. Ех, барем половина од наставниот кадар да беше како нив…
Да, одговорни сте!
Што се однесува до учениците и нивните успеси или неуспеси, тие се резултат и директен производ на целокупното нивно опкружување ставено во општествен контекст. Тие се производ на домашното воспитување, домашната култура, системот на вредности кои им се пренесуваат, желбата на родителите во нив да се инвестира, но не финансии, туку време, трпение и труд затоа што тие се одраз на сета таа инвестиција. Тие се воедно и производ на наставниците, на нивната способност и моќ да ги разбудат нивните капацитети и да ги моделираат за да направат идни креативци или деструктивци.
Да сум на местото на многу деца во цел овој систем, би го грабнала ранецот и би избегала!
Тие се производ на целокупната констелација на општествените односи! Па така, кога во првата следна пригода ќе бидете сведок на врсничко насилство, на дивјачко однесување, на безредие во училница и очигледна немоќ на наставен кадар, на незаинтересираност за културно и духовно надградување и кога за истото ќе се обидете да го најдете виновникот, веднаш показалецот вперете го во себе! Да, вие сте одговорни за таквото однесување!
Да, ние сме одговорни за таквото однесување! Секој еден од нас! И не обидувајте се да ме осудите за кажаново зашто така само ја потврдувате мојата теза дека вистината плесната в лице боли повеќе отколку потребата да се најдат причините што го предизвикуваат хаосот, па соодветно да се најдат и можни, но и нужни решенија кои можеби ќе се покажат како делотворни и ќе ја ублажат горчината на моменталната состојба.
Автор: Ирина Микеска
912