ПРАШАЊЕ: Моето дете има 3 години и си оди во градинка редовно уште од јасли, но во последно време не сака да се дружи со никого таму, не сака да оди по веце, не сака да јаде. Си седнува сам настрана и не сака да комуницира. Не плаче и не одбива да оди, напротив, сака да гледа што и како работеле во текот на денот преку слики и видеа што ги добиваме и се смее и раскажува. Плашлив е по природа и емоционален. Дома е комплетно друго дете, прави сѐ што треба да прави со оглед на возраста. Да напоменам, имаме и бебе од 5 месеци, па настанаа многу промени – од адаптација дома со бебето, одвикнување и одбивање на попладневната дремка. Се прашувам која би можело да е причината за да се дистанцира така во градинка и како да му се пристапи?
ОДГОВОР: Најнапред, топло ја поздравувам вашата грижа за менталното здравје на вашето тригодишно дете. Ова момче започнало да оди во градинка уште во јасли, но во последно време, иако не давате прецизно колку време наназад, тој е дистанциран од другите деца иако кон децата гледа со интерес, раскажува и зборува за нив дома.
Во градинка не јаде и не ги регулира своите физиолошки потреби. Со овие механизми детето покажува отпор кон самата средина. Адресата за самиот проблем може да биде во различни сегменти. Со овој отпор, на пример, може да покажува пасивна лутина зашто тој мора да оди во градинка, а малото петмесечно бебе останува дома. За децата, домот е слободно и комфорно место, одењето во друга социјална средина е непријатно, што во ситуација на избор може да се пријават вакви реакции.
За родителско советување и прецизни понатамошни насоки, потребни се посеопфатни хетероанамнестички податоци, за што може да ме контактирате на hristina_psihologija@yahoo.com.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com