Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Син ми има 2 години и 3 месеци, зборува сѐ, дури и реченици поврзува. Точно знае што сака, а што не сака и дефинитивно за негова возраст е понапреден. Пред една година тргна во градинка и немаше никаков проблем. Но сега е во група во која мојата мајка, а неговата баба, е учителка. Знам дека не му попушта, но веќе два пати гризна за образ друго дете, и тоа убаво го гризна и секако другата мајка реагираше. Да напоменам, овие два пати се случуваат бидејќи другото дете со коцка го удрило моето по главата, па како последица на тоа моето го гризнало. Кажете ми кој е најдобриот начин да се спречи ова однесување?

ОДГОВОР: Ова е една од најчестите ситуации со кои се соочуваат децата под три години во градинка. Сите деца веројатно порано или подоцна ќе бидат каснати од другарче во градинка. На оваа возраст децата немаат алатки за соодветно да одговорат на различни ситуации и главно го користат своето тело за да го запознаат светот и да ги изразат своите потреби.

Важно е да се обидеме да ја разбереме причината за гестот што изгледа едноставно агресивен и кој се смета, од перспектива на нас, возрасните, како едно злобно и насилно повредување.

На возраста во која е вашето дете причината за гризењето е почесто емотивна. На оваа возраст децата не се способни да ги изразат чувствата со зборови и не сите деца ги изразуваат лутината, гневот или тагата преку бес или плачење.

Неможноста да се изрази, го наведува детето на гризење. Всушност, во многу случаи детето кое гризе е дете кое доживува напнатост, која не може да ја реши поинаку, стрес кој го окупирал и од кој не знае како да се ослободи.

Бидејќи детето сè уште е во својата егоцентрична и сензорна фаза, нема соодветен когнитивен развој за рационално да ги разбере нашите објаснувања.

Воспитувачката, т.е. вашата мајка секако дека не прифаќа агресивно однесување. Претпоставувам се соочувала со вакви ситуации многупати. Ставот мора да биде позитивен, конструктивен и насочен кон ублажување на овие ситуации, а вие родителите помогнете му на детето да ги вербализира и изрази чувствата (позитивни и негативни) поврзани со настаните за кои се зборува; да ја поттикнете кај него желбата да даде објаснување за неговото однесување.  

Детето не треба да се кара, туку разговарајте: „Слушнав дека Петар фрлил коцка кон тебе и тоа те налутило толку што си го гризнал… Знам дека ти е жал што го гризна, сигурно го боли“. Откако ќе се даде соодветно значење на она што го изразува детето, корисно е да се објасни дека на детето кое е гризнато треба да му се извини и да го гушне, како и детето кое го предизвикало тоа со фрлање на коцката. 

А потоа и на двете деца им се покажува модел како релациски подобро да комуницираат. Како градење кула со коцките заедно, возење количиња, паркирање… Но не треба премногу да се инсистира на заедничко играње.

Зборувањето за она што се случило со децата, користењето наративна димензија, го претвора конфликтот во можност за учење.

Благодарение на разбирањето, примерот, посредувањето и емпатичната придружба, детето ќе помине низ оваа фаза и постепено ќе стекне посоодветни релациски алатки.

Она што е важно е да се има трпение, многу трпение затоа што детето, водено од желбата да го открие светот и од неможноста да ги разбере и на друг начин изрази своите чувства, не е во состојба да се контролира себеси поради едноставниот факт дека „илјада пати сме му повториле!“ Иако ова е обично негативно внимание, сепак ако премногу обрнуваме внимание, тоа само може да го зајакне однесувањето и да предизвика детето да го повтори.

Претпоставувам дека времето поминато во градинка за вашата мајка, како и за вашето дете ќе биде доста предизвикувачко во однос на многу работи во нивната заедничка динамика и во односот со другите, од причина што се емотивно поврзани на подруг начин. Се надевам дека за сите предизвикувачки и не така пријатни ситуации ќе наоѓате добри решенија.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X