Од 1 септември учениците да се вратат во училишните клупи, а за градинките да се балансира, односно можно е да се ограничи престојот само за оние кои не можат да го остават детето на друго место на чување и грижа, бидејќи во градинките проблем е тоа што нема простор и што тешко може да се одржи растојание меѓу децата

На 10 август Комисијата за заштита од заразни болести ќе донесе конечна одлука за тоа, кој модел на настава ќе биде предложи да биде применет од 1 септември. Како што информираат од Министерството за образование и наука, претставници на министерството денеска имале средба со членовите на комисијата.

– На состанокот беше презентиран новиот предлог-акциски план, во кој се сите можни опции и протоколи за започнување на новата учебна година. Комисијата треба најдоцна до 10 август да донесе конечна одлука за тоа, на кој начин ќе продолжи да се спроведува воспитно-образовниот процес – информираат во МОН.

Планот е од 1 септември учениците да се вратат во училиштните клупи, а за градинките ќе се балансира, односно можно е да се ограничи престојот само за оние кои не можат да го остават детето на друго место на чување и грижа, бидејќи во градинките проблем е тоа што нема простор и што тешко може да се одржи растојание меѓу децата, вели за Деца.мк д-р Александар Стојанов, в.д. директор на Центарот за јавно здравје и член на Комисијата за заразни болести.

– МОН денеска предложи неколку опции. Некаде има услови за онлајн настава, на друго место нема. Во некои училишта има услови за една опција, во други за друга. Има училишта во кои има простор за физичко присуство зашто се 10 деца во одделение и таму не е проблем растојанието, ама негде каде што има 35 ученици во паралелка, ќе мора да се применат други опции, како на пример, учење во смени. Има неколку варијанти, сè ќе биде применето и нема да има унифицирани правила за сите училишта, туку сè ќе зависи од самите услови во секое училиште – информира Стојанов.

Поголем проблем, според него се градинките, каде што нема доволно простор.

– Не може Министерството за труд и социјална политика да направи двојно повеќе градинки до 1 септември. Од друга страна, има сознанија дека многумина нема да ги пуштат децата во градинка од септември. Ќе се види колку која градинка има простор да прими повеќе деца, која помалку, ќе мора да ги распоредат децата некако. Значи училиштата ќе се отворат за физичко присуство секако, бидејќи едно е кога наставникот му стои на ученикот над глава, друго е кога цел ден е пред телевизор. Часот ќе трае 30 минути, а ако е таков скратен час концентрацијата и фокусот се поголеми – смета Стојанов.

Деца.мк пред извесно време објави дека МОН подготвува неколку сценарија во новата учебна година, со цел да обезбеди поголема заштита од ширење на ковид-19 меѓу учениците. Меѓудругото, се размислува зимскиот распуст да трае три месеци, а наместо 180 наставни денови, да се реализираат 100.



912

X